Линкови за пристапност

Трамп призна дека Русија можеби се вмешала во изборите во САД


Американскиот претседател додаде дека и други земји можеби го сториле истото

Претседателот Доналд Трамп кажа дека Русија можеби се вмешала во минатогодишните претседателски избори во САД, но додаде дека и други исто така можеби го сториле истото.

„Мислам дека е Русија, но мислам дека би можело да бидат и други луѓе и други земји. Можеле да се вмешаат многу други луѓе“, кажа Трамп на прес-конференција во Варшава, пред да замине на самитот на лидерите на Групата 20 (Г-20) најголемите светски економии во Хамбург, Германија. „Навистина никој не знае. Навистина никој не знае со сигурност“ кажа тој.

Изјавата на Трамп е во спротивност со заклучокот на американската разузнавачка заедница дека рускиот претседател Владимир Путин лично наредил кампања за дискредитација на американските избори, исто како и акции за да и` наштети на репутацијата на поранешната американска државна секретарка, Хилари Клинтон.

Разузнавачкиот заклучок бил донесен во август, три месеци пред изборите во ноември, што го наведува Трамп да се сомнева, зошто тогашниот претседател на САД, Барак Обама „не направил ништо за тоа“.

Трамп кажа: „Зошто тој не сторил ништо за тоа? Му било кажано од ЦИА дека тоа е Русија, колку што разбрав јас. Тоа било пријавено. И тој не сторил ништо за тоа. Тие велат дека тој потфрлил. Не мислам дека потфрлил. Јас мислам дека тој претпоставувал дека Хилари Клинтон ќе победи на изборите и ќе рече, ајде да не правиме ништо во врска со ова. Ако размислувал поинаку, тој ќе сторел нешто во врска со ова“.

Трамп својот скептицизам во врска со разузнавачкиот извештај за вмешаноста на Русија во изборите го оправда со 14 години старата погрешна анализа, за тоа дека пред американската инвазија во 2003-та година, Садам Хусеин имал оружје за масовно уништување.

Американската разузнавачка заедница заклучи дека минатата година Русија низ социјалните медиуми ширела лажни вести поврзани со изборите во САД и ја хакирала електронската пошта на директорот на кампањата на Клинтон, Џон Подеста. Викиликс во неделите непосредно пред изборите објави илјадници пораки од Подеста.

Во говорот во Варшава што следеше по неговата прес конференција, Трамп ја обвини Русија за „дестабилизирачко однесување“ во однос на светските прашања, тврдење кое Москва го отфрла.

Трамп утре на маргините на самитот на Г-20 ќе се сретне со русиот претседател Владимир Путин, на први директни разговори, но останува неизвесно дали ќе се дискутира за руското мешање во изборите.

Во Вашингтон, неколку демократски сенатори рекоа дека ќе биде „големо запоставување“ ако Трамп како американски лидер, не се соочи со Путин во врска со руското мешањето во изборите во САД.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG