Линкови за пристапност

Трамп бара смртна казна за напаѓачот во Њујорк


Имигрантот од Узбекистан, Сајфуло Саипов рекол дека нападот го извршил во име на Исламската држава

Претседателот на САД, Доналд Трамп вели дека имигрантот од Узбекистан, кој е обвинет за убиство на 8 лица во Њујорк треба да добие смртна казна, но се повлече од изјавите дека Сајфуло Саипов треба да биде испратен во притворниот центар Гвантанамо на Куба.

Претходно Трамп кажа дека „би сакал да го испрати терористот од Њујорк во Гвантанамо, но статистички процесот ќе потрае подолго“ отколку ако процесот оди преку американскиот судски систем.

„Има нешто соодветно тој да се држи дома, заради грозоморниот криминал кој го стори“ рече Трамп за Саипов чиј судски случај ќе се одржи во Њујорк „Треба да се заврши брзо. Смртна казна.“ напиша претседателот на Твитер.

Терористичкиот напад во Њујорк брзо стана и политичко прашање откако претседателот Доналд Трамп ја посочи вината кон визната програма за која рече дека му овозможила на осомничениот Сајфуло Саипов да влезе во државата. Тој американскиот правен систем го нарече „шега“ затоа што реагира пребавно.

Саипов, кој на полицијата и рекол дека ја избрал Ноќта на вештерките за нападот бидејќи сметал дека ќе има повеќе луѓе на улиците вчера беше обвинет за кривично дело.

Трамп изјави дека сака уште веднаш да работи со Конгресот за укинување на лотарија за зелена карта, преку која Саипов влегол во САД.

Овие забелешки беа критикувани од демократите, кои рекоа дека претседателот брза да ја политизира трагедија во време кога полицијата се обидува да ги утврди фактите за она што се случило.

Претседателот Трамп преку Твитер го обвини лидерот на Демократската партија во Сенатот, Чарлс Шумер од сојузната држава Њујорк затоа што му било овозможено на „терористот“ да влезе во САД, како дел од „програмата за имигрантска виза преку лотарија.“

Шумер го обвини Трамп за „политизирање и поделба на САД, што тој секогаш го прави во време на национална трагедија“. Шумер рече дека „отсекогаш верувал и продолжува да верува дека имиграцијата е добра за Америка“.

Гувернерот на Њујорк Ендрју Квомо пораките на претседателот на Твитер ги нарече „бескорисни“.

Подоцна, портпаролката на Белата куќа, Сара Хакаби Сандерс, рече дека Трамп не го обвинува Шумер за нападот и дека самиот Саипов бил одговорен. Но, додаде дека системот на имиграција преку лотарија со која Саипов дошол во САД во 2010-та година треба да се отповика поради тоа што остава можност да се влезе во државата со мала проверка на лицата кои добиваат вакви визи.

Екстремни проверки

Трамп повика на зајакнување на проверката на оние кои влегуваат во државата. „САД веднаш ќе спроведат многу построги процедури за подетални проверки“, напиша тој на Твитер. „Безбедноста на нашите граѓани е пред се!“

Тој даде слична изјава неколку часа по нападот. „Да се биде политички коректен е добро, но не и за ова!“ рече тој во вторникот.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG