Линкови за пристапност

Каква политичка иднина за Трамп по ослободувањето од импичмент


Некои републикански претставници велат дека Трамп ќе остане политичка сила, но други се скептични

Каква политичка иднина претстои за поранешниот претседател Доналд Трамп сега е отворено прашање, откако Сенатот го ослободи од обвинение дека предизвикал упад во американскиот Капитол минатиот месец поттикнувајќи стотици негови приврзеници да се спротистават на законодавците додека го сертифицирале неговиот изборен пораз од страна на демократот Џо Бајден.

Неколку моменти откако Сенатот гласаше 57-43 во саботата за осуда на Трамп, но неуспевајќи да собере 67 гласови потребни за тоа, поранешниот претседател кажа дека не завршил со политичкиот живот. Трамп не кажа експлицитно дека може да се кандидира повторно за претседател во 2024, како што индицираше при напуштањето на функцијата минатиот месец. Претставничкиот дом изгласа импичмент за него во јануари на единствено обвинение дека „поттикнал бунт“.

Трамп случајот за импичмент против него го нарече „уште една фаза од најголемиот лов на вештерки во историјата на нашата земја. Ниту еден претседател не поминал низ такво нешто “.

Тој додаде: „Нашето историско, патриотско и убаво движење да ја направиме Америка повторно голема, само што започна. Во месеците што следат, имам многу што да споделам со вас и со нетрпение очекувам да го продолжиме заедно нашето неверојатно патување за да постигнеме американска величина за сите наши луѓе“.

Еден од неговите најсилни поддржувачи меѓу Републиканците, сенаторот Линдзи Грем од Јужна Каролина, за емисијата Fox News Sunday изјави дека разговарал со поранешниот лидер на САД по завршувањето на судењето за импичмент во Сенатот. Тој рече дека Трамп е „подготвен да продолжи да ја гради партијата“ во обид да ја преземе контролата врз Сенатот и Претставничкиот дом од демократите на изборите во 2022 година, на половина од првиот четиригодишен мандат на Бајден во Белата куќа.

„Ако сакате да победите, мора да работите со претседателот Трамп“, рече Грем. „Движењето Трамп е живо и здраво. Најмоќната сила во републиканската партија е Доналд Трамп “.

Но, гувернерот на Мериленд, Лери Хоган, републикански критичар на Трамп, изјави за CNN дека со загубата на изборите и контроверзниот крај на неговото претседателствување, „ние ќе треба да водиме вистинска битка за душата на Републиканската партија во следните две години“, прашувајќи се реторички „дали републиканците ќе бидат партија што не може да победи на националните избори, или ќе се вратиме на традиционална републиканска партија конзервативци со здрав разум… да се залагаме за работите во кои отсекогаш сме верувале и да се обидеме да им конкурираме на демократите?“

Националните анкети покажуваат дека многу републикански гласачи остануваат поддржувачи на Трамп, но Хоган рече: „Мислам дека тоа ќе се промени со текот на времето. Имаме само еден месец од администрацијата на Бајден. Мислам дека последното поглавје на Доналд Трамп и на тоа каде оди Републиканската партија сè уште не е напишано “.

Републиканката од Јужна Каролина, поранешната гувернерка Ники Хејли, која служеше како амбасадорка на Трамп во Обединетите нации, минатата недела се сврте против поранешниот претседател.

Хејли, можна претседателска кандидатка од редовите на Републиканската партија во 2024 година, за Трамп рече: „Треба да признаеме дека тој нè изневери. Тој тргна по патот по кој не требаше да оди, и ние не требаше да го следиме и не требаше да го слушаме. И не можеме да дозволиме тоа некогаш да се повтори “.

Демократската сенаторка Еми Клобучар од Минесота, која гласаше за осудување на Трамп, за Fox News изјави дека не смета оти Трамп ќе остане клучен играч во Републиканската партија.

„Американскиот народ виде што стори овој човек“, рече таа. „Тој е готов“.

Грем рече дека Трамп е „лут на некои луѓе“ кои се свртеа против него на судењето во Сенатот, бидејќи седум од 50 републиканци во советот гласаа со сите 50 демократи за да го осудат. Но, Грем рече дека Трамп е „подготвен да води кампања“ за поддршка на републиканските кандидати.

„Не мислам дека тој го предизвика немирот“, рече Грем за зборовите на Трамп неговите приврзаници да маршираат до Капитолот на 6-ти јануари и „пеколно да се борат“ за да ја поништат победата на Бајден, кога пратениците потврдија дека Трамп станал петтиот претседател во историјата на САД кој загубил при кандидатурата за реизбор по само еден мандат.

„Според мене, тоа беше политички заштитен говор“, рече Грем мислејќи на гаранцијата на Уставот на САД за слободата на говорот.

Други републикански сенатори ја оспорија оценката на Грем.

Лидерот на малцинството во Сенатот, Мич Меконел, откако гласаше за ослободување од обвинение на Трамп, бидејќи не верувал оти Сенатот има право да му суди на Трамп откако неговиот мандат завршил, го критикуваше неговиот долгогодишен политички сојузник за неговата улога во поттикнувањето на нападот во кој загинаа пет лица, меѓу кои и еден полицаец.

Меконел рече дека Трамп е „практично и морално одговорен за провоцирање на настаните од денот. Луѓето кои упаднаа во оваа зграда веруваа дека постапуваат според желбите и упатствата на нивниот претседател “.

Во неделата, сенаторката Лиза Мурковски од Алјаска, една од седумте републиканци кои гласаа за осуда на Трамп, во изјавата рече: „Ако месеци лажење, организирање собири на приврзаниците во обид да се спречи работата на Конгресот, охрабрување на толпа да маршира на Капитолот, и непреземање никакви позначајни активности за да се запре насилството откако тоа започна не е доволно за импичмент, осуда и дисквалификација за извршување на функцијата во САД, не можам да замислам тогаш што е “.

Таа додаде: „Со поттикнување на востание и насилни настани кои кулминираа на 6-ти јануари, постапките и зборовите на претседателот Трамп не беа заштитени со слободата на говорот. Ги почитувам нашите уставни права и ја сметам слободата на говорот како една од највисоките слободи, но тоа право не се однесува на претседател на САД што поттикнува насилство “.

XS
SM
MD
LG