Избраниот американски претседател Доналд Трамп се закани дека ќе ги преиспита затоплените односи на претседателот Барак Обама со Куба, досега најасен показател дека историското обновување на односите меѓу двете држави е под закана.
„Ако Куба не сака да направи подобар договор за кубанскиот народ, за Кубанците и за Американците, како и за САД во целина, јас ќе го ревидирам договорот“, напиша Трамп на Твитер.
Неговиот твит одговара со изјавата што ја кажа пред неколку месеци за договорот САД-Куба, кој тој го смета едностран, во корист на Хавана.
Ова прашање повторно се актуелизира по смртта на кубанскиот лидер Фидел Кастро.
Шефот на кабинет на Трамп, Рејнс Прибус вчера изјави дека избраниот претседател апсолутно посакува да ја разгледа отвореноста на Обама кон Куба.
Во изјава за вестите на Фокс, Прибус рече дека иднината на односите меѓу САД и Куба, зависи од тоа дали Хавана ќе направи вистински чекор во поглед на човековите права.