Линкови за пристапност

Отказ за главната правобранителка на САД


Сали Јејтс напиша писмо до Одделот за правда велејќи дека не е` убедена дека претседателската наредба за бегалците е законска

Американскиот претседател Доналд Трамп и даде отказ на вршителката на должност главна правобранителка на САД, која вчера му нареди на Одделот за правда да не ја брани неговата извршна наредба за времена забрана за влез на лица од мнозинско муслимански земји.

Во соопштение на Белата куќа се вели дека Сали Јејтс го „предала Одделот за правда со одбивањето да спроведе законска одредба наменета за заштита на граѓаните на САД.“

Јејтс напиша писмо до правниците во Одделот за правда велејќи дека таа не е` убедена дека претседателската наредба е законска.

Во соопштението на Белата куќа, Јејтс се обвинува дека „покажала слабост во заштитата на границите и дека покажала слабост кон имиграцијата.“ Демократскиот сенатор, Ричард Блументал ги пофали акциите на Јејтс на само неколку часа по добивањето на отказот:

„Сакам да ја пофалам Сали Јејтс, која застана зад моралните и законските принципи, според највисоките принципи на Одделот за правда, велејќи дека овие наредби не можат да бидат одбранети. Владеењето на правото и моралот се поважни од политиката во моментот,“ кажа Блументал.

Поранешниот претседател Обама ја назначи Јејтс за заменик генерален правобранител во 2015-та година. Таа беше замолена да остане во администрацијата на Трамп до потврдувањето на новиот јавен правобранител од страна на Сенатот.

Обвинителката Дејна Боенте, од сојузната држава Вирџинија беше назначена од Трамп да ја замени Јејтс како вршителка на должноста јавна правобранителка на САД.

XS
SM
MD
LG