Линкови за пристапност

Контроверзата со прислушувањето на Кулата Трамп продолжува


Белата куќа продолжува со поддршката на тврдењето на Доналд Трамп дека поранешниот претседател Барак Обама наредил прислушување на телефоните во Кулата Трамп во Њујорк.

Портпаролот Шон Спајсер вчера се соочи со новинарите кои сакаа да дознаат дали инсистирањето на Трамп е вистина, иако членовите на разузнавачките комисии во Претставничкиот дом и Сенатот велат дека тоа не се случило.

Спајсер кажа дека претседателот стои зад ставот и ги обвини новинарите за „за погрешно толкување“ на она што се случувало во сенатската комисија, додавајќи дека до Претставничкиот дом се` уште не се доставени сите релевантни информации за набљудувањето.

Но, двајца виши сенатори од Комитетот за разузнавање на Сенатот, републиканецот Ричард Бур и демократот Марк Ворнер, во соопштение кажаа дека „врз основа на достапните информации, не гледаме никакви индикации дека Кулата Трамп била цел на надзор од страна на било кој елемент од владата на САД, пред или по денот на изборите во 2016-та година.

Нивниот став дојде по изјавата на спикерот на Претставничкиот дом Пол Рајан, кој исто така ги отфрли наводите на претседателот Трамп од 4-ти март, дека Обама наредил прислушување.

Во средата, претседавачот со Комитетот за разузнавање во Претставничкиот дом, Девин Нунес, кој го поддржуваше Трамп, на прес-конференција, во врска со наводите за прислушување Трамп кажа: „ние немаме било какви докази дека тоа се случило ... не мислам дека Кулата Трамп била под надзор.“

Со него се согласи и вишиот член на истата комисија, демократскиот конгресмен Адам Шиф.

Нунес и Шиф, велат дека до понеделникот ќе чекаат на информации од Одделот за правда, за тоа дали било кој суд наредил прислушување на Трамп. Конгресната истрага беше побарана од страна на Белата куќа по наводите на Трамп за прислушување.

XS
SM
MD
LG