Линкови за пристапност

Трамп без детали дали САД би презеле акција по нападот во Сирија


Американскиот претседател го предупреди сирискиот лидер велејќи - „ќе добиете порака“

Претседателот Трамп го осуди сирискиот претседател Башар Ал-Асад за смртоносниот напад со хемиско оружје во Сирија, нарекувајќи го „навреда за човештвото“, но одби да каже каква акција САД би можеле да преземат како одговор.

„Ќе видите. Ќе добијат порака, ќе видите каква порака ќе биде тоа“, истакна Трамп за време на заедничката прес-конференција со јорданскиот крал Абдула кој се наоѓа во официјална посета на Вашингтон.

Нападот во кој загинаа 100 лица, меѓу кои и деца, а околу 350 се трауматизирани, Трамп го опиша како „ужасен“, додавајќи: „Многу е веројатно дека мојот однос кон Асад е прилично променет. Овие монструозни активности од негова страна не може да се толерираат“.

Воедно, тој не обелодени никакви информации како САД би одговориле на најновите настани.

„Не велам дека ќе сториме нешто, но секако дека нема да најавам нешто однапред“, изјави Трамп.

Трамп го критикуваше поранешниот претседател Барак Обама за непреземање акција против режимот на Асад во 2012-та година – за евентуална американска воена акција ако сирискиот лидер употребил хемиско или биолошко оружје против борци кои се обиделе да ја срушат неговата влада. Додека бројни законодавци своевремено го критикуваа Обама за непреземање акција, Конгресот се двоумеше дали да одобри воена интервенција на САД. Тогаш, Трамп во серија пораки на Твитер го повикал Обама да не ја нападне Сирија.

Претседателот Трамп денеска кажа дека Обама имал „одлична можност“ да интервенира во Сирија, и фактот дека не го сторил тоа, „не` уназади, не само во Сирија, туку и во многу други делови од светот, бидејќи беше комплетна закана“.

Тој додаде дека како претседател, „сега имам одговорност и гордо ќе се држам до неа“.

Јорданскиот крал Абдула за Сирија истакна дека, „за жал, ова е уште еден доказ за неуспехот на меѓународната дипломатија во обидите да најде решение за кризата“.

Нападот во Сирија, како и можноста за обновување на израелско-палестинските мировни преговори, биле на врвот на агендата на средбата меѓу двајцата лидери.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG