Линкови за пристапност

Трамп ќе се повлече од бизнисот и ќе се фокусира на претседателската функција


Во меѓувреме, идниот претседател продолжува со составување на неговиот кабинет

Новоизбраниот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека комплетно ќе се повлече од неговиот бизнис за да се фокусира на претседателската функција, за да нема конфликт на интереси.

Тој преку Твитер кажа дека на 15-ти декември ќе одржи прес-конференција и ќе ја образложи одлуката.

Во меѓувреме, поранешниот извршен директор на Голдман Сак Стивен Мунчин, е номиниран од страна на Трамп за иден секретар за финансии, додека милијардерот Вилбур Рос на функцијата секретар за трговија.

Трамп работи на составување на кабинетот од изборите на 8-ми ноември, наваму. Во моментов се` уште не е познато името на идниот државен секретар, а во игра се поранешниот гувернер на Масачусетс Мит Ромни, поранешниот градоначалник на Њујорк Руди Џулијани, сенаторот од Тенеси Боб Коркер и поранешниот директор на ЦИА Дејвид Петреус.

Претходно, Трамп го избра конгресмнеот од Џорџија Том Прајс, да раководи со Одделот за здравство. Прајс е познат по критиките на мерките за реформи во здравството познати како Обамакеар. Трамп и бројни членови на Конгресот кажаа дека ќе работат на тоа да го заменат Обамакеар, но не дадоа детали како би го сториле тоа.

Идниот американски претседател го обелодени името и на идниот секретар за транспорт. Тоа е Елејн Чао, родум од Тајван, која беше секретарка за труд за време на претседателствувањето на Џорџ В. Буш. Таа беше прва жена од азиско потекло која бил член на претседателски кабинет.

Сите номинирани членови потребно е да бидат одобрени од Сенатот.

XS
SM
MD
LG