Претседателот Доналд Трамп соопшти дека ќе ја номинира портпаролката на Стејт департментот Хедер Нојерт за нова амбасадорка на САД во Обединетите нации.
„Таа (Нојерт) ќе работи со Ники Хејли за да ја замени Ники во Обединетите нации. Таа ќе биде амбасадорка на САД во Обединетите нации,“ изјави во петокот Трамп за новинарите во Белата куќа. „Таа е многу талентирана, многу паметна и многу брза. И мислам дека таа ќе биде почитувана од сите.“
Хејли во октомври соопшти дека ќе замине од функцијата до крајот на годината.
Нојерт, која има 48 години, од април 2017 година работи во Стејт департментот како портпарол. Таа преходно работеше како дописничка и водителка на телевизијата Фокс њус. Таа беше водител на утринската програма „Фокс и пријателите“ за која Трамп вели дека редовно ја гледа. Нојерт во моментов е вршител на должноста државен секретар за јавна дипломатија и јавни работи.
Пред Фокс, Нојерт работеше за телевизијата АБЦ њус. Додека не се приклучи на Стејт департментот, таа немаше претходно искуство во владата или во дипломатијата.
Ако ја прифати оваа позиција, таа најверојатно ќе се соочи со тешко сослушување за потврда од Сенатот поради недостатокот на дипломатско или политичко искуство. Но, бидејќи републиканците ќе имаат мнозинство во Сенатот и кога новиот конгрес ќе се состане во јануари, експертите велат дека е веројатно дека таа ќе биде потврдена.
Арон Дејвид Милер од Центарот Вилсон вели дека Нојерт има различен профил од минатите американски амбасадори во Обединетите нации. "Мислам дека таа е паметна и брзо учи. Брзо ќе научи. Но, мислам дека (функцијата амбасадор на САД) нема да биде она што беше со Ники Хејли.“
Facebook Forum