Линкови за пристапност

Трамп: Судијата од државата Вашингтон ги отвора САД на потенцијалните терористи


Претседателот им порача на Американците дека ако нешто се случи, виновен ќе биде судијата кој ја блокираше забраната за патување.

Претседателот Доналд Трамп им порачува на Американците дека доколку „нешто се случи“, виновен ќе биде судијата којшто ја блокирал неговата забрана за влез на имигранти од седум земји со главно муслиманско население.

Трамп преку Твитер кажа дека „едноставно не може да верува дека еден судија ќе ја стави државата во таква опасност“.

Кон крајот на минатата недела, судијата од окружен суд во сојузната држава Вашингтон, Џејмс Робарт, привремено ја блокираше извршната наредба на претседателот Трамп со која, исто така привремено, се става забрана за влез на бегалци и други лица од Иран, Ирак, Либија, Сомалија, Судан, Сирија и Јемен. Потоа, во неделата Апелациониот 9-ти окружен суд во Сан Франциско го отфрли барањето на Трамп, извршната наредба повторно да стапи на сила.

Претседателот Трамп преку Твитер соопшти дека му наредил на Одделот за домашна безбедност да ги проверува луѓето коишто влегуваат во САД „мошне внимателно“, додавајќи дека судовите „многу ги отежнале“ активностите. Трамп воедно кажа дека судијата Робарт „ја отворил земјата на потенцијални терористи и други коишто не им мислат добро на САД“.

Апелациониот суд на федералните претставници и сојузни држави им даде рок до понеделник, да достават дополнителни аргументи за тоа дали забраната ќе биде прогласена за неуставна или ќе повторно ќе се спроведе.

Сојузните држави Вашингтон и Минесота утрово поднесоа документација во Апелациониот суд, велејќи дека забраната е противуставна и оди на штета на жителите, бизнисите и универзитетите. Експертите велат дека случајот најверојатно ќе заврши во Врховниот суд.

По одлуката на судијата Робарт, пограничните служби почнаа да дозволуваат влез во САД на патници со валидни визи.

Но, како што изјави бегалец од Сомалија, околу 140 бегалци чија прераспределба во САД беше блокирана заради извршната наредба на претседателот Трамп, биле вратени во нивниот камп и во моментов не се знае кога или дали ќе им се дозволи да патуваат.

XS
SM
MD
LG