Новоизбраниот претседател на САД Доналд Трамп соопшти дека конгресменот од Џорџија Том Прајс, ќе биде назначен на функцијата секретар за здравство. Прајс е познат по критиките на реформите во здравството познати како Обамакеар.
За време на кампањата, Трамп велеше дека ќе го поништи планот, но оттогаш има изјавено дека можно е да задржи одредени делови од него.
Идниот американски претседател во меѓувреме се сретна со уште еден можен кандидат на функцијата државен секретар, поранешниот директор на ЦИА и генерал во пензија Дејвид Петреус. Пред позицијата во ЦИА, Петреус беше американски командант во Ирак и ги предводеше силите на НАТО во Авганистан. Тој беше приморан да даде оставка на функцијата во 2012, заради давање доверливи информации на жена која ја пишувала неговата автобиографија и со која имал вонбрачна афера.
И покрај неговото минато, Трамп преку Твитер кажа дека бил, „мошне импресиониран од генералот“.
Други кандидати за шеф на американската дипломатија се и поранешниот гувернер на Њујорк, Руди Џулијани, поранешниот амбасадор на САД во ОН Џон Болтон, претседавачот на Сенатската комисија за односи со странство Боб Коркер, и поранешниот гувернер на Масачусетс Мит Ромни. Трамп денеска се очекува да оствари втора средба со Ромни.