Линкови за пристапност

Администрацијата на Трамп размислува да ги префрли брифинзите надвор од Белата куќа


Дописниците велат дека ваквиот чин ќе и` наштети на транспарентноста во известувањето

Виши членови од администрацијата на новоизбраниот претседател Доналд Трамп велат дека размислуваат да ги преместат прес конференциите на нова локација, со поголем простор, но новинарите се спротивставуваат на предлогот, велејќи дека тоа ќе им наштети во вршењето на работата.

Прес конференциите се одржуваат во просторија во западното крило на Белата куќа, каде има околу 50 седишта и работни простории за новинарите кои известуваат на дневна основа.

Шефот на кабинетот на Трамп, Рејнс Прибус за „Еj-Би-Си“ вчера кажа дека имало дискусија за преместување на брифинзите во просторија веднаш до Белата куќа, која е четири пати поголема од постојната. Тој наведе дека голем број на новинари присуствувале на првата пост изборна прес конференција која се одржа мината недела во Њујорк „што е добро нешто.“

Потпретседателот Мајк Пенс за „Си-Би-Ес“ кажа дека досега нема донесено никаква одлука.

Претседателот на Асоцијацијата на дописници од Белата куќа, Џеф Мејсон во саботата се сретнал со Шон Спејсер, кој како портпарол на Трамп на дневна основа ќе одговара на прашањата од новинарите.

Мејсон вели дека групата отсекогаш се залагала за „поотворен пристап и транспарентност“ во корист на јавноста, но тој бил јасен со Спејсер дека преместувањето од западното крило „не е прифатливо.“

„Пристапот до западното крило и до високи претставници од администрацијата, вклучувајќи го и портпаролот е критично за транспарентноста и за можноста новинарите да си ја вршат работата,“ кажа во соопштение Мејсон.

Трамп во неделата на Твитер напиша дека медиумите треба да се извинат за неиздржаните извештаи дека Русија има компромитирачки материјал за него. Тој исто така ги критикуваше „Ен-Би-Си“ и нивното шоу „Saturday Night Live“, чие последно издание започна со сцена од прес конференцијата на Трамп.

Трамп ќе даде заклетва на функцијата како 45-ти претседател на САД во петок напладне во Вашингтон, а претседателот Барак Обама ќе ја напушти функцијата по 8 години.

„Инаугурацијата ќе биде поголема отколку што очекувавме“ напиша Трамп на Твитер.

Во медиумите се разви дебата по заклучокот на американската разузнавачка заедница дека Русија се вмешала во изборите преку хакирање на компјутери на Демократската партија со цел за да му помогне на Трамп да победи, исто како и по веста дека тело од Одделот за правда на САД ќе ја истражува улогата која ја имал директорот на Федералното истражно биро (ФБИ), Џејмс Коми во спроведувањето на истрагата за користењето на небезбеден приватен сервер за електронски пораки на Хилари Клинтон додека таа беше државна секретарка на САД од 2009-та до 2013-та.

Најмалку 18 демократски законодавци велат дека ќе ја бојкотираат инаугурацијата на Трамп.

XS
SM
MD
LG