Линкови за пристапност

Трамп оди во посета на Тексас


Се очекува претседателот да разговара за борбата против илегалната имиграција

Американскиот претседател Доналд Трамп патува во вторник во јужниот град Аламо, Тексас, во близина на границата на САД со Мексико, каде се очекува да искористи еден од неговите последни денови на функцијата да ги потенцира напорите на неговата администрација за спречување на илегалната имиграција.

Тоа ќе биде негово прво појавување во јавноста од минатата среда кога зборуваше пред приврзаниците тврдејќи дека претседателските избори се украдени и ги повика да „се борат“ пред тие да упаднат во американскиот Капитол.

Неговата посета на Тексас доаѓа и во момент кога Претставничкиот дом со мнозинството демократски членови продолжува со напорите да го отстрани Трамп од функцијата.

Имиграцијата беше главниот фокус на кампањата на Трамп за претседател во 2016 година, често повикувајќи на изградба на ѕид долж границата на САД со Мексико.

Неговиот мандат треба да заврши на 20 јануари, а неговата администрација ја надгледуваше изградбата на околу 450 милји пограничен ѕид. Голем дел од градбата беше замена на постојните помали бариери долж границата.

Посетата доаѓа и еден ден откако вршителот на должноста секретар за внатрешна безбедност на Трамп, Чад Волф, ненадејно поднесе оставка.

Пред патувањето на Трамп во Аламо, Јужниот правен центар за сиромаштија повика посетата да се откаже тврдејќи дека тоа „само ќе ја зголеми штетата и ќе предизвика повеќе насилство“.

„Со години, заедниците на границата се спротивставуваа на едностраната агенда на оваа администрација. Токму овие заедници, од Сан Диего до Браунсвил, беа подложени на несовесно насилство, разгорено од антиимигрантската реторика и ксенофобичната политика “, рече во изјавата Ефрен Оливарес, заменик директор за правни прашања на Проектот за правда за имигрантите на овој центар.

XS
SM
MD
LG