Линкови за пристапност

Приоритетите на буџетот - во фокусот на говорот на Трамп во Конгресот


Вечерашното обраќање на претседателот е насловено „Обнова на американскиот дух“.

Претставници на Белата куќа ветуваат дека денешното прво обраќање на претседателот Доналд Трамп пред обата дома на Конгресот, ќе биде фокусирано на „решавање на вистинските проблеми за вистинските луѓе“.

Обраќањето на претседателот насловено како „Обнова на американскиот дух, главно ќе биде посветено на „економските можности и заштитата на американскиот народ“, изјави виш претставник на администрацијата.

Од истите извори се дознава дека иако во говорот ќе бидат вклучени одредени елементи на надворешната политика, не се очекува да бидат споменати конкретни држави. Сепак, Трамп се очекува да го образложи повлекувањето на САД од Транспацифичкиот трговски договор, којшто никогаш не беше ратификуван од Конгресот, по него се преговараше со години, и во голем дел беше предводен од Вашингтон и Токио.

Се` на се`, обраќањето на претседателот Трамп „ќе биде оптимистичка верзија за државата“, изјави портпаролот на Белата куќа Шон Спајсер.

Републиканските законодавци се надеваат дека говорот конкретно ќе ги опфати прашањата за даночни и реформи во здравството, како и детали за 10-те проценти зголемување на буџетот за одбраната – или вкупно 54 милијарди долари. Притоа се очекува речиси иста сума да се скрати од буџетот којшто не е наменет за Пентагон.

Се предвидува особено да биде погодена странската помош, што наиде на критика кај 121 адмирал и генерал во пензија, кои издадоа соопштение во кое велат дека „интензивирањето и зајакнувањето на дипломатијата, како и развојот рамо до рамо со одбраната, се клучни за одржување на безбедноста на САД“.

Тонот на Трамп ќе биде внимателно следен, особено по бројните превирања во земјата, што резултираше во намалување на неговиот рејтинг, кој во моментов се наоѓа на рекордно ниско ниво за еден новоизбран претседател.

XS
SM
MD
LG