Претседателот на САД Доналд Трамп, за време на говорот на конвенцијата на Националаната асоцијација за оружје (NRA) во Далас, Тексас, истакна дека неговата администрација се залага за побезбедни училишта, издвојувајќи ја потребата од фокус на менталното здравје. Тој го повтори ставот дека одреден персонал во училиштата, треба да биде обучен на највисоко ниво и наставниците и професорите кои имаат дозвола да носат оружје со себе, да можат да го сторат тоа. „На наставниците треба да им се даде шанса да ги заштитат своите ученици“, додаде американскиот претседател.
Тој ја истакна и потребата од поставување на високо обучено обезбедување во училиштата.
Трамп не ги спомена предлозите за контрола на оружјето, за кои претходно зборуваше, особено по масовното убиство во средното училиште во Паркленд, Флорида. Националната асоцијација за оружје се противи на тие предлози и на други ограничувања при продажба на оружје, со образложение дека претставуваат прекршување на правото за негово поседување, согласно Вториот амандман од Уставот на САД.
Лидерот на САД, пред публика симпатизери и членови на асоцијацијата, говореше и на други теми, како Северна Кореја, за која кажа дека работите се одвиваат „мошне добро“.
По прашањето за имиграцијата, Трамп подвлече дека актуелните имиграциони закони биле напишани од законодавци кои не ги сакаат САД. „Имаме најлоши имиграциони закони во светот“, рече тој. „Мора да и` се стави крај на илегалната имиграција, бидејќи другите земји не ги испраќаат своите најдобри граѓани овде“, истакна Трамп, алудирајќи на бандите кои шират насилство во земјата. „Депортираме илјадници членови на овие банди“, додаде тој.
Facebook Forum