Линкови за пристапност

Изборите во ноември ќе одлучат дали ќе го браниме американскиот начин на живот или ќе дозволиме да се уништи, рече Трамп


Претседателот вчера, во 70-минутен говор, официјално ја прифати републиканската претседателска номинација

Претседателот на САД Доналд Трамп, за време на вчерашниот говор при кој официјално ја прифати републиканската номинација, рече дека изборите во ноември ќе одлучат дали „ќе го браниме американскиот начин на живот, или ќе дозволиме радикално движење да го уништи комплетно“.

Трамп, кој на изборите ќе се соочи со поранешниот потпретседател Џо Бајден, се обрати пред Белата куќа, истакнувајќи пред неговите поддржувачи дека овие избори се најважни во историјата на државата.

Над 1.000 присутни, меѓу кои многу републикански членови на Конгресот, седеа едни до други, од кои повеќето без маски.

Трамп, кој во националните јавни анкети е зад Бајден, посвети голем дел од говорот за неговиот демократски противник, нарекувајќи го тројански коњ на крајната радикална левица и анархистите кои, според него, сакаат да ја уништат државата.

Претседателот рече дека Бајден не е спасител на душата на Америка, туку оти е уништувач на работни места.

„И ако му се даде шанса, тој ќе ја уништи големината на Америка“, рече Трамп.

За време на 70-минутниот говор, Трамп го нагласи неговиот цврст пристап кон Кина, обвинувајќи го Пекинг оти дозволил коронавирусот да се прошири надвор од границите на државата.

„Агендата на Џо Бајден е направена во Кина. Мојата агенда е направена во САД“, рече тој.

Пред неговиот говор, пак, кампањата на Бајден го нарече Трамп најслаб претседател досега во однос на политиката кон Кина.

По говорот на Трамп, следуваа огномети на Националното шеталиште во Вашингтон, кои го отсликаа неговото име и 2020 година.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG