Линкови за пристапност

Трамп побара Сешнс да стави крај на истрагата за Русија


Притисокот доаѓа на вториот ден од судскиот процес против поранешниот претседател на кампањата на претседателот Трамп, Пол Манафорт

Претседателот на САД, Доналд Трамп не ја попречува кривичната истрага за вмешаноста на Русија на изборите на кои тој победи, напротив тој „возвраќа“ рече портпаролката на Белата куќа, Сара Хакаби Сандерс.

Забелешката на Сандерс доаѓа откако претседателот на САД, Доналд Трамп, во серија пораки на Твитер го направи досега најрешителниот повик за ставање крај на истрагата за вмешаноста на Русија во американските претседателски избори.

Трамп рече дека 14 месечната истрага на Роберт Мулер за поврзаноста на неговата кампања со Русија е „ужасна ситуација“ и дека главниот правобранител Џеф Сешнс „веднаш треба да го прекине ловот на вештерки, и да престане осрамотувањето на нашата држава.“

Сешнс пред повеќе од една година побара да биде изземен од истрагата поради неговите контакти со Русија, оставајќи ја таа улога на заменик-јавниот правобранител, Род Розенстајн, кого некои републиканци сакаат да го отповикаат.

Други членови на партијата сепак застанаа зад истрагата.

„Јас ја поддржувам истрагата за да дознаам што направила Русија за да влијае врз нашите избори во 2016-та година“, рече сенаторот од сојузната држава Луизијана, Џон Кенеди, додавајќи дека јавниот правобранител „немал друг избор“ туку да побара да биде изземен.

Трамп вели дека назначувањето на специјален советник, Мулер „е контроверзно, а 17-те лути демократи кои ја вршат оваа валкана работа се срам за САД!“

Притисокот на Трамп врз Сешнс доаѓа на вториот ден од судскиот процес против поранешниот претседател на кампањата на Трамп, Пол Манафорт.

Претседателот на САД, Доналд Трамп во друга порака на Твитер судењето го нарече „измама“ обидувајќи да се дистанцира од случајот Манафорт.

Манафорт е обвинет дека криел милиони долари кои ги заработил од лобирање за поранешниот украински диктатор Виктор Јанукович, во годините пред да работи за кампањата Трамп.

„Пол Манафорт работел за Роналд Реган, Боб Дол и многу други ценети и почитувани политички лидери“, рече Трамп. „Тој за мене работеше многу кратко време. Зошто владата не ми кажа дека тој е под истрага? Овие стари обвиненија немаат никаква врска со лажните наводи за соработка [на кампањата на Трамп со Русија.].“

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG