Кремљ денес негираше мешање на Руската влада во претседателските избори на САД во 2016-та година.
Портпаролот Дмитри Песков рече дека обвинувањата се неосновани.
Руската реакција уследи неколку дена откако американскиот специјален советник Роберт Мулер, обвини 13 руски државјани и три руски компании за водење кампања на нелегална „информациска борба“, со цел да влијаат на изборите во САД во корист на претседателот Доналд Трамп.
Во обвинението на поранешниот директор на Федералното истражно биро (ФБИ), се вели дека 12 вработени и финансискиот спонзор на Агенција за интернет истражување, компанија со седиште во Санкт Петербург, и со врски блиски до Кремљ, го организирале изборното мешање.
Обвинителниот документ, објавен на 37 страници, не посочува ниту едно лице од кампањата на Трамп за соработка со Русите.
Трамп вчера, во серија коментари на Твитер, ги нападна истрагите на Мулер и на конгресните комисии.
„Никогаш не реков дека Русија не се мешала во изборите. Реков дека можеби е Русија, можеби Кина, или друга држава и организација, или некој гениј, кој седи в кревет и се игра со својот компјутер. Измамата беше дека кампањата на Трамп била поврзана со Русија, што никогаш не билa“, напиша Трамп на Твитер.
Претседателот на САД го критикуваше неговиот советник за национална безбедност Х.Р. Мекмастер, оти заборавил да каже дека „резултатите од изборите во 2016-та не биле под влијание на Руси, и дека единствена поврзаност постоела меѓу Русија и демократската кандидатка Хилари Клинтон, како и други демократи“.
Покрај руското мешање во изборите во САД, Мулер истражува и дали има попречување на правдата од страна на Трамп, со цел да ја спречи истрагата, отстранувајќи го Џејмс Коми од функцијата директор на ФБИ.
Facebook Forum