Демократите во Претставничкиот дом започнаа со широка истрага за кампањата на претседателот Доналд Трамп, за неговите бизниси, за трансферот на власта и дали тој како претседател ја попречувал правдата со цел да ја спречи истрагата против него.
Комисијата за правосудство испрати писма до 81 лице и правни субјекти поврзани со Трамп, барајќи од нив во рок од две недели да достават документи поврзани со нивните активности.
Покрај обвинувањата за опструкција, Комисијата соопшти дека ќе истражува наводи за можна корупција и злоупотреба на власта за време на двегодишното претседателствување на Трамп.
„Во текот на последните неколку години, претседателот Трамп избегна одговорност за неговите речиси секојдневни напади врз нашите основни законски, етички и уставни правила и норми“ рече конгресменот Џеролд Надлер, претседавачот со комисијата.
Трамп долго време негира дека неговата кампања соработувала со Русија. Запрашан за истрагата на Надлер Трамп кажа: „Секогаш соработувам со сите ... знаете добра работа е што никогаш немало никаква соработка. Сето ова е измама“.
Портпаролката на Белата куќа, Сара Сандерс рече дека демократите започнале со истрагата „бидејќи стравуваат дека нивниот двегодишен лажен наратив за соработка со Русија пропаѓа. Нивното заплашување и злоупотреба на американски граѓани е срамно. Со нападите врз претседателот тие го одвлекуваат вниманието од нивната радикална агенда за да ја направат САД социјалистичка држава, убивајќи бебиња откако ќе се родат и туркање на нивната агенда за „Нов зелен договор“ со кој ќе бидат уништени работни места, а САД ќе банкротираат.
Белата куќа соопшти дека релевантни претставници ќе го разгледаат барањето на Комисијата за правосудство за документите и ќе одговорат во соодветно време.
Освен до Белата куќа, барања за документи беа испратени до Одделот за правда; виши претставници од претседателската кампањата, организацијата Трамп, бизнис империјата на претседателот и неговите двајца најстари синови, Доналд Трамп Џуниор и Ерик Трамп.