Линкови за пристапност

Претставничкиот дом се подготвува да гласа за отстранување на Трамп од функцијата


Демократите го обвинуваат лидерот на САД за „поттикнување бунт“ во минатонеделниот упад од толпа поддржувачи на Трамп во Капитолот

Претставничкиот дом на американскиот конгрес со мнозинство демократи се очекува да гласа во вторник за резолуцијата со која се повикува потпретседателот Мајк Пенс и членовите на кабинетот на претседателот Доналд Трамп да го искористат своето уставно овластување за отстранување на Трамп од функцијата.

Мерката, која се очекува да помине, му дава рок од 24 часа на Пенс да одговори.

„Претседателот претставува непосредна закана за нашиот Устав, за нашата држава и за американскиот народ и тој мора веднаш да биде сменет од функцијата“, рече во изјава од понеделникот спикерката на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси.

Ниту Пенс, ниту кој било член на кабинетот не даде јавна индикација за поддршка на ваквата акција по одредбата на 25-тиот амандман со кој се дозволува потпретседателот и мнозинството од кабинетот да го прогласат претседателот за „неспособен да ги извршува овластувањата и должностите на претседателската функција“.

Трамп и Пенс се состанаа доцна во понеделникот во Белата куќа за прв пат по немирите и упадот во американскиот Капитол минатата недела.

Висок службеник на администрацијата рече дека двајцата „повториле дека оние што го прекршиле законот и упаднале во Капитолот минатата недела не го претставуваат движењето Америка прво поддржано од 75 милиони Американци и ветија дека ќе продолжат да работат во интерес на народот и државата до крајот на нивниот мандат."

Пенс го налути Трамп со отфрлање на напорите на претседателот да ги поништи резултатите на изборите во ноември го ја поништи нивната загуба на изборите во ноември и победата на Џо Бајден и Камала Харис.

Лидерите на Претставничкиот дом, исто така, вршат притисок за усвојување на посебна резолуција за импичмент, што пратениците треба да почнат да ја разгледуваат во среда наутро.

И покрај тоа што четиригодишниот мандат на Трамп истекува на 20 јануари напладне, во резолуцијата за импичмент на четири страници се вели дека Трамп „покажал дека ќе остане закана за националната безбедност, демократијата и Уставот, доколку му биде дозволено да остане на функцијата, и постапил на начин што е некомпатибилен со самоуправувањето и владеењето на правото “.

Резолуцијата за импичмент на четири страници ги цитира неоснованите обвинувања на Трамп дека со измама му бил одземен вториот четиригодишен мандат со изборни нерегуларности.

Вкупно 218 демократи ја потпишале резолуцијата, што прави мнозинство во 435-члениот дом, без републикански гласови.

Не е јасно кој е следниот потег, со оглед на тоа што неговиот мандат завршува следната недела.

Бајден рече дека се „надева и очекува“ Сенатот да може истовремено да одржи судење за импичмент и да ги потврди назначувањата на неговиот кабинет откако ќе стапи на должноста.

Бајден пред новинарите рече: „Не се плашам да положам заклетва надвор“, зборувајќи за церемонијата на заклетва следната недела, која традиционално се одржува на западните скали на Капитолот на САД, што е еден од местата каде толпата проби во зградата минатата недела.

Дури и ако Трамп веќе ја напуштил функцијата, пресудата за импичмент во Сенатот по завршувањето на неговиот мандат може да значи дека тој повеќе нема да може да извршува федерална функција.

Претставничкиот дом изгласа импичмент за Трамп на крајот на 2019 година, обвинувајќи го дека се обидел да ја натера Украина да најде незаконски активности на Бајден пред изборите во ноември минатата година, но Сенатот го ослободи од обвинение на почетокот на февруари.

Трамп одби да го признае поразот или да му честита на Бајден, но тој рече дека ќе има „нова администрација“ на 20 јануари.

Трамп најави дека нема да присуствува на инаугурацијата на Бајден, игнорирајќи ја долгогодишната традиција во САД.

Пенс, сепак, планира да присуствува на церемонијата, која ќе биде значително намалена заради зголемениот број на случаи со коронавирус во САД.

XS
SM
MD
LG