Линкови за пристапност

САД и Австралија работат на договорот за прераспоредување на мигранти


Групата бегалци од договорот со Австралија се од Авганистан, Ирак и Иран.

Премиерот на Австралија, Малколм Турнбул, изјави дека САД се подготвени да го почитуваат договорот за прераспоредување на група баратели на азил од кампови на пацифичкиот остров, иако претседателот Доналд Трамп потпиша извршна наредба за привремен прекин на влез на бегалци во САД.

Договорот беше постигнат за време на мандатот на поранешниот претседател Барак Обама, а вклучува околу 1.200 мигранти кои биле пресретнати обидувајќи се да стигнат до австралиското копно, по што биле сместени во кампови во Папуа Нова Гвинеја и Науру.

Портпаролот на Белата куќа Шон Спајсер, кажа дека, „екстремните проверки“, ќе важат за сите бегалци.

Групата бегалци од договорот со Австралија се од Авганистан, Ирак и Иран.

Како дополнение на прекинот на прием на бегалци во времетраење од 120 дена, и неодредениот рок за бегалците од Сирија, со извршната наредба на претседателот Трамп, постои и 90-дневна забрана за влез на секој кој доаѓа од Иран, Ирак, Сирија, Јемен, Либија, Сомалија и Судан.

Секретарот за домашна безбедност Џон Кели, изјави дека овие земји имаат недостиг на законски мерки и информации потребни за темелно да се опише потеклото на нивните граѓани. Тој додаде дека САД ќе соработуваат со овие и други земји, со цел, заострување на нивните процедури.

Дополнително на бегалците од договорот со Австралија, САД се подготвуваат да процесираат група од 872-ца бегалци коишто се очекува да пристигнат во текот на неделава.

Кели воедно потенцираше дека имиграционата наредба на претседателот Трамп, што се однесува на седум земји со главно муслиманско население, не претставува забрана за муслимани. Верската слобода e една од најосновните вредности на нашата земја, кажа тој.

Иранскиот претседател Хасан Рухани изјави дека забраната за влез се коси со сите меѓународни принципи и определби и претставува прекршување на човековите права.

Поддршка на одлуката на Трамп даде министерот за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, Шеикот Абдала бин Зајед, кој кажа дека наредбата на претседателот Трамп била суверена одлука од страна на САД и не е насочена на која и да е религија.

XS
SM
MD
LG