Линкови за пристапност

Забрана за влез во САД на бегалците од Сирија?


Ова е можна имиграциска мерка, дел од нацрт-верзија на нова серија промени која се однесува на странските државјани, која почна да циркулира во медиумите

По серијата извршни наредби на претседателот на САД Доналд Трамп неделава, со цел да почне спроведување на имиграциските закони, нацрт-верзија на нова серија промени која се однесува на странските државјани, почна да циркулира во медиумите.

Ако биде потпишана каква што е замислена сега, автоматски се очекува дека ќе се стопира влез во САД на граѓани од седум држави.

Потенцијалните измени ќе се одразат на имигрантите, посетителите и на бегалците од државите со мнозинско муслиманско население, со цел, како што се објаснува и во извршната наредба, „заштита на нацијата од терористички напади од странски државјани“.

Трамп, во интервју за вестите на Еј-Би-Си, не ги потврди деталите објавени во медиумските извештаи, но рече дека мерките се насочени кон подобрување на безбедноста на САД.

„Нашата држава има доволно проблеми и без да дозволи влез на луѓе, кои во повеќето или во некои случаи, се очекува да направат огромна деструкција“, изјави Трамп.

Во нацрт-верзијата објавена во Лос Анџелес Тајмс, а која укажува на извршната наредба што Белата куќа најави дека постои може да биде потпишана оваа недела, стои:

- Суспендирање на имиграцијата и патувањето во САД за државјани од Иран, Ирак, Либија, Сомалија, Судан, Сирија и од Јемен за 30 дена

-120 дена забрана за адмисија на бегалци, но дозвола за одредени исклучоци бегалци, кои се малцинство во нивните домашни држави

- Намалување на квотата за бегалци за тековната година од 110.000 на 50.000

- Забрана за бегалците од Сирија на неопределено

- Формирање „сигурни зони“ во Сирија и во „околниот регион“ за раселени лица и бегалци

- Воведување на биометриски систем за влез и излез на патници во САД

- Суспендирање на Програмата за ослободување од интервју за виза, и воведување задолжителни интервјуа лице в лице за неимигрантските визи

- Задолжително објавување на секои шест месеци извештај од Одделот за домашна безбедност за „американски државјани родени во странство“ кои биле „радикализирани“, извршиле насилство врз полова основа, или се обвинети за терористички престапи

Околу 32.000 бегалци пристигнале во САД од октомври минатата година. Лавиниа Лимон од Комисијата за бегалци и имигранти на САД, изјави:

„Имаме видено многу нелогичности во децении работа на бегалските прашања“.

XS
SM
MD
LG