Линкови за пристапност

Трамп имал неформален разговор со Путин


Во фокусот - мировниот процес во Сирија

Белата куќа соопшти дека претседателот Доналд Трамп разговарал со рускиот претседател Владимир Путин, еден ден откако Путин се сретна со сирискиот претседател Башар ал-Асад околу ставање крај на речиси седумгодишното насилство во Сирија.

Трамп и Путин во телефонскиот разговор, што траел повеќе од еден час, ја истакнале и важноста за имплементирање на резолуцијата 2254 на Советот за безбедност на ОН, а изразиле и поддршка за мировниот процес на Женева под водство на светската организација. Во овие рамки е решавање на граѓанската војна во Сирија, ставање крај на хуманитарната криза, обезбедување услови за враќање на раселените лица, како и стабилност на обединета Сирија, ослободена од малигни интервенции и терористички упоришта.

Во извештајот на Белата куќа се додава дека обајцата лидери ја истакнале и важноста на заедничката борба против тероризмот низ Блискиот Исток и Централна Азија, а се согласиле и за изнаоѓање начини за натамошна соработка во борбата против ИСИС, Ал Каида, Талибан и други терористички органзиации.

Трамп и Путин за време на минатонеделниот самит на АПЕК во Виетнам, на неколкупати имале неформални разговори и меѓу другото, станало збор за принципите околу справувањето со ситуацијата во Сирија. Во конфликтот во оваа земја, досега животот го загубија околу 400.000 лица, а милиони мораа да ја напуштат земјата.

Трамп и Путин дискутирале и за начините за имплементирање на траен мир во Украина и за потребата од натамошен меѓународен притисок врз Северна Кореја, со цел, прекин на програмите за проектили и нуклеарно оружје.

Кремљ претходно соопшти дека Асад бил поканет во Русија на разговори за руските мировни преговори, пред утрешната средба меѓу Путин и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, како и иранскиот лидер, Хасан Рухани.

Мировните разговори за Сирија под покровителство на ОН, се закажани за 28-ми ноември во Женева.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG