Советникот за национална безбедност, Х. Р. Мекмастер потврди дека американскиот претседател, Доналд Трамп ќе има прва лице-в-лице средба со рускиот претседател Владимир Путин на самитот на Групата 20, наредната недела во Хамбург, Германија.
Мекмастер на брифингот во Белата куќа не кажа дали двајцата лидери ќе разговараат за мешањето на Русија во изборите во САД во 2016-та година.
„Нема конкретна агенда“, рече Мекмастер.
Средбата ќе се одржи во време кога во САД се водат неколку истраги во врска со наводите дека Русија се вмешала во американските избори, преку кибернетски напади и кампања за дезинформирање.
Разузнавачките служби на САД заклучија дека Русија се работела со намера да му помогне на Трамп да победи во трката за Белата куќа.
Минатата недела, поранешниот директор на Одделот за домашна безбедност, Џеј Џонсон и други официјални претставници на САД го потврдија мешањето на Русија, но на распит на Капитол Хил изјавија дека нема докази дека Москва можела да го промени бројот на гласовите на изборите.
Путин ги отфрли тврдењата за руска вмешаност во кибернетските нападите врз САД, но ја остави отворена можноста „патриотски“ хакери да ги извеле нападите.
Некои претставници од администрацијата на Трамп сугерираат додека трае истрагата САД да бидат внимателни во односите со Русија. Трамп и други членови од неговата администрација сакаат да се сретнат со Путин и се обидуваат да организираат медиумско покривање и други протоколи кои обично се дел од билатерални средби.
Facebook Forum