Линкови за пристапност

Американскиот претседател одбележа 500 денови на функцијата


Националните анкети покажуваат дека гласачите не се согласуваат како Доналд Трамп ја извршува функцијата, но тој ги истакнува своите успеси

Американскиот претседател Доналд Трамп, вчера го одбележа својот 500-ти ден на функцијата, велејќи дека „многумина веруваат“ дека тој постигнал повеќе од кој било друг претседател на САД.

Трамп како достигнувања ги наведе намалувањето на даноците, поддршката за армијата, намалувањето на криминалот и нелегалната имиграција, зајакнување на границите и растот на економијата.

Сепак и покрај тоа што е 17-ти месец во Белата куќа, тој останува да биде поларизирачка фигура. Националните анкети покажуваат дека гласачите не се согласуваат како актуелниот претседател ја извршува функцијата со маргина од 52,8 до 44,4 проценти.

Трамп се соочува со истрага која ја води специјалниот советник Роберт Мулер за наводните врски меѓу неговата кампања и Русија за време на изборите во 2016-та година, како и тоа дали ја попречувал правдата во обид да ја блокира истрагата. Трамп на неколкупати ги отфрли овие наводи.

Во нов коментар на Твитер, тој напиша: „Како што ми беше кажано од многу правници, јас имам апсолутно право да се помилувам самиот себеси. Но, зошто би го сторил тоа, кога не сум сторил ништо лошо?“

Претседателот Трамп ужива голема популарност меѓу републиканците, но независните гласачи, а особено демократите продолжуваат да изразуваат противење на неговото претседателствување, покажуваат анкетите.

По долготрајна законодавна битка во Конгресот кој е под републиканска контрола и без ниту едно демократски глас, Трамп успеа да го протурка Законот за даночни олеснувања, но не успеа да го укине Законот за здравствена заштита од времето на поранешниот претседател Барак Обама. Сепак, преку низа административни активности, направи промени во него.

Во оценката на неговите 500 денови, Трамп рече дека речиси ќе успеал да го отповика Законот за здравствено осигурување „да не било само едно лице“, алудирајќи на гласањето против на републиканскиот сенатор Џон Мекејн.

Трамп истакна дека задолжението за купување на осигурување е укинато и дека „цените на лековите паѓаат“, додавајќи дека потпишал легислатива за да им даде на тешко болните пациенти „право да земаат“ експериментални лекови кои не биле одобрени од регулаторите.

Претседателот ја доби сенатската потврда за именување на судија во Врховниот суд на конзервативниот правник Нил Горсач, како и потврдување на други конзервативни судии, на места во пониските судови. Овие номинации би можеле да влијаат на исходот од правните пресуди со децении.

Администрацијата на Трамп воедно усвои и измени или доби одобрување од Конгресот за олеснување на регулативите на банките, енергетските компании и други корпоративни интереси.

Трамп веќе објави дека планира да побара уште еден четиригодишен мандат на изборите во 2020-та година.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG