Линкови за пристапност

Помпео вели дека во разговорот на Трамп со Зеленски немало ништо незаконско


Барањето документи и изјави од сегашни и поранешни претставници на Стејт департмент „може да биде сфатено само како обид за заплашување“, напиша државниот секретар во писмо до Комисијата на Претставничкиот дом.

Американскиот државен секретар Мајк Помпео потврди во среда дека бил на телефонскиот разговор меѓу претседателот Доналд Трамп и украинскиот претседател Владимир Зеленски, што е предмет на приговор на свиркач врз основа на што е поведена конгресна истрага за импичмент.

Претходно Помпео кажа дека ништо не знае за жалбата од свиркачот, во која се наведува дека Трамп барал странско мешање во изборите од 2020 со тоа што побарал од Украина да ги истражи демократскиот претседателски кандидат Џо Бајден и неговиот син Хантер.

Во вторникот, по добивање судски налог од Комисијата за надворешни односи на Претставничкиот дом, Помпео испратил писмо до претседавачот на комисијата Елиот Енгел - и подоцна коментираше на Твитер, велејќи дека барањето документи од Стејт департмент и изјави од сегашни и поранешни претставници „може да биде сфатено само како обид за заплашување, заканување со сила и несоодветно третирање“ на вработени во неговиот оддел.

Но зборувајќи на заедничка прес конференција со неговиот италијански колега, министерот за надворешни работи Луиџи Ди Мрио, Помпео рече дека бил присутен на тој телефонски разговор, кој се однесувал на „помагање на Украинците да се ослободат од корупција во владата и да се помогне на сега новата влада во Украина да изгради успешна економија“.

Трамп ја критикува истрагата за импичмент како „пуч“ и инсистира дека не направил ништо незаконско во неговиот разговор со Зеленски.

XS
SM
MD
LG