Претседателот на САД, Доналд Трамп, вели дека поддршката од републиканската политичка база е „помоќна и посилна од кога било досега“, наспроти анкетите кои покажуваат дека таа еродира.
Трамп испрати низа коментари на Твитер од неговото одморалиште за голф во Бедминстер, Њу Џерси, нарекувајќи ги истражувањата на јавното мислење „лажни“.
Тој вели дека политичките собири што ги одржа во неколкуте сојузни држави каде што победи на изборите покажуваат растење на поддршката и дека неколку фактори помогнале во тоа.
Неодамнешни истражувања на јавното мислење покажуваат дека само една третина од американските гласачи ја одобруваат неговата работа во првите шест месеци од претседателствувањето, и дека поддршката меѓу граѓаните кои гласале за него опаѓа.
Трамп кажа дека берзите се силни и на рекордно високо ниво, дека е зајакната безбедноста на границите невработеноста се намалила, а посочува и на дерегулирањето на бизнисите и потврдувањето на неговиот избор за судија во Врховниот суд на САД.
Тој вели дека е „тешко да се поверува“ дека „базата на Трамп зајакнува!“ покрај неколкумесечното известување на главните медиуми за „лажните вести за соработка со Русија“.
Минатонеделната анкета на Универзитетот Квинипек покажа дека 61 процент од Американците дале негативна оценка за работата на Трамп, а 33 отсто се изјасниле позитивно.
Други анкети исто така покажуваат дека Трамп има помалку од 40 проценти одобрување.
Facebook Forum