Американскиот претседател Доналд Трамп денес е во посета на полскиот главен град Варшава, во првиот дел од четиридневната дипломатска мисија во Европа.
Но, лидерот на САД се соочува со загриженост низ целиот континент, по неговите поранешни изјави за посветеноста кон НАТО, неговата одлука да се повлече од Договорот за климатски промени од Париз, како и за неговиот позитивен став кон рускиот претседател Владимир Путин.
Трамп ќе го одржи првиот голем јавен говор на Стариот континент на Плоштадот Красински во Варшава, место со голема симболика за многу Полјаци - каде се слави отпорот кон тоталитарното владеење.
Од Белата куќа велат дека претседателот ќе ја повтори посветеноста на принципот за заедничка одбрана на НАТО, но исто така ќе го повтори барањето другите земји членки да помогнат во носењето на финансискиот товар на Алијансата. Трамп се надева дека ќе го поправи впечатокот по непријатното прво патување во Европа во мај, кога ги искара лидерите на земјите на НАТО поради тоа што не трошат доволно за одбраната, и експлицитно не го поддржа членот 5 од НАТО договорот - за заеднички одбранбен одговор, ако една членка е нападната.
Во Полска се стационирани повеќе од 3.000 американски војници, како дел од распоредувањето на НАТО, чија цел е справување со руската агресија во Украина.
Трамп ќе зборува на симболична локација
Трамп ќе говори на Плоштадот Красински, под бронзениот споменик на Варшавското востание од 1944 година. Споменикот е подигнат во чест на стотици илјади полски војници и цивили кои загинале за време на неуспешниот двомесечен бунт против нацистичките окупатори во градот.
Полјаците бараат економска сигурност
Економската безбедност е високо на агендата. Пред говорот, Трамп ќе присуствува на Самитот на три мориња, чија цел е зајакнување на енергетската независност во Источна Европа. Полска се надева дека ќе стане центар за увоз на американски течен природен гас.
Поддржувачите велат дека ставовите на Трамп за многу глобални прашања, какви што се климатските промени и миграцијата, ги споделуваат и многу водечки личности во актуелната Влада на Полска.
Меѓутоа, некои стравуваат дека посетата на американскиот претседател би можела да го продлабочи јазот меѓу Источна и Западна Европа.
Опозиционите групи ќе покажат дека му се спротивставуваат на Трамп. Демонстрациите најверојатно ќе бидат далеку од Плоштадот Красински и јасно е дека полската Влада е решена да му понуди топло добредојде на претседателот Трамп.
Facebook Forum