Линкови за пристапност

Трамп не се поздрави со Пелоси, таа ја искина копијата од говорот


Обраќањето на претседателот предизвика поделени реакции кај републиканците и демократите

Претседателот на САД Доналд Трамп, го искористи вчерашното обраќање пред нацијата, да ја пофали администрацијата и нејзиното лидерство во економијата, споредувајќи ја со администрацијата на неговиот претходник Барак Обама.

„Стапката на невработеност е на најниско ниво во изминатиов половина век. Просечната стапка на невработеност за време на мојата администрација е на најниско ниво во споредба со која било администрација во историјата на нашата држава. Ако не ги укинавме неуспешните економски политики на претходната администрација, светот сега немаше да биде сведок на огромниот економски успех“, рече Трамп.

Говорот на претседателот, при кој тој најави „големо враќање на Америка“, предизвика поделени реакции кај републиканците и демократите.

Републиканскиот конгресмен Кевин Херн од Оклахома, за Гласот на Америка, рече дека е задоволен оти претседателот ги игнорирал напорите за негов импичмент.

„Тој го направи она што сакав, а тоа е да испрати порака за она што навистина им е важно на Американците“, рече тој.

Но, многу демократи, меѓу кои конгресменот Гери Коноли од Вирџинија, сметаат дека претседателот го искористил говорот да им се обрати на републиканците и на неговите гласачи, насочувајќи го фокусот кон неговата реизборна кампања, потенцирајќи ја ситуацијата со имигрантите и неуспехот на демократите да му помогнат да го донесе новиот трговски договор со Канада и Мексико.

Партиските поделби излегоа на виделина и кога претседателот им ги врачи копиите од говорот на потпретседателот Мајк Пенс и на спикерката на Претставничкиот дом Ненси Пелоси. Тој не и подаде рака на Пелоси, која се обиде да го поздрави пред почетокот на обраќањето.

Во истиот момент кога Трамп го заврши говорот, пак, Пелоси ја искина нејзината копија од претседателскиот говор, изјавувајќи пред новинарите дека тоа било пристојна реакција, ако се земела предвид алтерантивата.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG