Претседателот на САД Доналд Трамп, по средбата со спикерката на Претставничкиот дом Ненси Пелоси и лидерот на сенатското малцинство Чак Шумер во Белата куќа, рече дека сака да работи на инфраструктурата, но, не во овој момент и под вакви услови.
„Ненси Пелоси, кусо пред средбата, рече дека верува оти претседателот на САД е вмешан во `прикривање`. Сепак, излегува дека јас сум најтранспарентниот претседател најверојатно во историјата на нашата држава. Истрагата за Русија е страшно нешто што и` се случи на нашата држава. Не` повреди на многу начини“, изјави Трамп, повторувајќи дека немало соработка и опструкција.
Пелоси, пак, веднаш по состанокот изјави дека ќе се моли за претседателот и за САД.
„Се повлече. Се прашувам зошто го направи ова. Јас бев подготвена да му дадам план од 35 страници, кој има поддршка од демократите во Сенатот и Претставничкиот дом. Ние сме заинтересирани за инфраструктура, и не е јасно зошто претседателот не е. Тој бара секаков изговор“, рече Пелоси.
Пред средбата, пак, таа истакна дека демократските законодавци веруваат оти Трамп е „вмешан во прикривање“ со тоа што одбива да соработува во неколку конгресни истраги за неговите бизнис врски, како и за обвинувањата за попречување на правдата во истрагата за руското мешање во изборите во САД во 2016 година.
„Веруваме дека никој не е над законот, вклучувајќи го и претседателот на САД“, рече Пелоси пред средбата.
Таа иако ги одбива барањата за импичмент, сепак остава можност за отворање на истрага за импичмент, како што неколку комисии на Претставничкиот дом продолжуваат да бараат информации за акциите на Трамп и на неговата администрација од преземањето на функцијата.
Лидерот на малцинството во Сенатот Шумер, пак, истакна дека ова не бил спонтан потег од страна на претседателот, и оти се` било испланирано.
„Завесите беа затворени. Пред себе, претседателот имаше простор за да може да застане и да ни каже зошто нема да работи на инфраструктурата“, рече тој.
Facebook Forum