Линкови за пристапност

Трамп оди во Париз по повод 100 години од крајот на Првата светска војна


Американскиот претседател утре ќе се сретне со Макрон, а се` уште не е јасно дали ќе има средба и со Путин

Претседателот на САД Доналд Трамп денес заминува за Париз каде заедно со десетици други светски лидери ќе учествува на одбележувањето на 100 години од примирјето, кое доведе до крај на Првата светска војна.

Неговата посета се случува во време на затегнати односи на САД со повеќе сојузници.

Францускиот претседател Емануел Макрон предупреди дека геополитичката клима потсетува на она што доведе кон светските војни.

За време на посетата на некогашните воени полиња во источниот и северниот дел на Франција, Макрон рече дека поради актуелните закани кон Европа, континентот мора да создаде сопствена армија.

„Мораме да се заштитме од Кина, Русија, па дури и од САД. Кога гледам како претседателот Трамп најавува повлекување од Договорот за разоружување од 1980-та година, се прашувам која ќе биде главната жртва. Европа и нејзината безбедност“, изјави Макрон за француска радио станица.

Француски официјални претставници велат дека односите со САД нема да бидат погодени по загубата на републиканското мнозинство во Претставничкиот дом.

Трамп ќе има средба со Макрон утре. Не е јасно дали тој ќе се сретне и со рускиот претседател Владимир Путин.

Трамп подоцна ќе го посети местото каде се одвивале најжестоките битки на американските трупи во војната во Франција.

Историчарот Жан-Мишел Стег вели храброста на американските маринци е легендарна.

„Тие биле соочени со интензивен непријателски напад, но, наместо да се повлечат и да ја чекаат артилеријата, што тогаш би била нормална реакција, трупите продолжиле да напаѓаат“, вели Стег.

До крајот на војната повеќе од 116.000 американски војници загинале во одбрана на Европа. Повеќе од 14.000 се погребани на американските гробишта Меус-Аргон во Франција, кои се најголеми на континентот.

Музејот „Ромен 14-18“ го прикажува животот на војниците на фронтот. Таму се изложени илјадници воени предмети, од кои најголем дел ги собрал основачот на музејот Жан Пол де Врис.

„Она што јас се обидувам да им го покажам на посетителите во овој музеј е дека кога ќе се тргнат шлемовите, сите се исти. Човечки суштества“, изјави тој за Гласот на Америка.

Четириест милиони луѓе беа убиени за време на конфликтот. Во нивна чест в недела на Денот на примирјето, ќе се организира церемонија пред Триумфалната капија во Париз, на која ќе присуствуваат десетици светски лидери.

На Денот на ветераните Трамп ќе учествува и на посебна церемонија на американските гробишта.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG