Новоизбраниот претседател Доналд Трамп рече дека неговиот план за промена на здравствената програма на претседателот Барак Обама е во завршна фаза и ќе биде обелоденет наскоро.
Во интервју за Вашингтон пост, Трамп вели дека неговата цел е „осигурување за секого“, но одбива да даде повеќе детали за тоа.
Единствено што откри, е дека сака да ги намали трошоците за здравствената заштита, преку јавно вршење притисок врз компаниите да ги намалат цените на лековите.
Укинување на Законот за здравствена заштита, познат како Обамакеар, е главен приоритет за администрацијата на Трамп.
Минатата недела, Конгресот ги одобри првичните чекори за негово укинување, и покрај тоа што републиканците не направија јасен план за замена на здравствената програма, која донесе осигурување за повеќе од 20 милиони Американци.
Претседателот Барак Обама, во неговиот проштален говор минатата недела, рече дека ако некој направи подобар здравствен план, со помали трошоци за граѓаните, тој јавно ќе го поддржи.