Линкови за пристапност

Трамп најави најголем пакет санкции против Северна Кореја досега


Претседателот на САД се обрати на Конференцијата за конзервативна политичка акција, годишен настан на кој присуствуваат илјадници конзервативни политичари, стратези и активисти

Претседателот на САД Доналд Трамп, за време на денешниот говор, го објави најголемиот пакет санкции против Северна Кореја, последен чекор во кампањата за притисок врз Пјонгјанг да ги напушти нуклеарната и програмата за развиввање проектили со долг дострел.

Претседателот се обрати за време на Конференцијата за конзервативна политичка акција, годишен настан кој се одржува во близината на Вашингтон, а на кој присуствуваат илјадници конзервативни политичари, стратези и активисти.

Белата куќа, најави дека Министерството за финансии наскоро ќе преземе нови мерки за натамошно намалување на изворите на приходи и гориво, коишто севернокорејскиот режим ги користи за финансирање на својата нуклеарна програма и одржување на армијата. Целта ќе бидат 56 бродови, превозници и трговски бизниси коишто и` помагаат на Северна Кореја во избегнување на санкциите.

Одредени експерти веруваат дека дополнителни санкции би можеле да го загрозат неодамнешното омекнување на тензиите меѓу Северна и Јужна Кореја. Северот учествува на Зимските олимписки игри во Пјонгчанг, а двете земји се подготвуваат за нова рунда средби, по неодамнешните разговори на делегации на високо ниво во Јужна Кореја.

Санкциите доаѓаат во време кога ќерката на претседателот на САД, Иванка, пристигна во Јужна Кореја, каде ќе ги предводи американските олимпијци на церемонијата на затворање на ЗОИ.

Националната дебата околу контрола на оружјето, исто така доминираше во говорот на претседателот на денешната конференција. Како одговор на неодамнешното масовно убиство во средно училиште во Флорида, во кое загинаа 17 лица, Трамп предлага, како превенција, да се вооружаат наставниците и професорите, но само, како што кажа, најдобрите и оние со специјална обука.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG