Линкови за пристапност

САД ќе продолжат со притисок за денуклеаризација на Северна Кореја


Има позитивни чекори, но, останува долг пат да се помине, соопшти Белата куќа, во пресрет на средбата Трамп - Кинг Јонг Ун

Белата куќа вели дека крајна цел на преговорите меѓу претседателот Доналд Трамп и севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун е денуклеаризација, додавајќи дека кампањата на САД за „максимален притисок“ врз Пјонгјанг ќе продолжи.

Оттаму нагласуваат дека нема да се укинат ниту санкциите, се` додека не се преземат конкретни акции да се заврши денуклеаризацијата.

„Нема да го земеме зборот на Севернокорејците здраво за готово“, изјави за Гласот на Америка портпаролката Сара Хакаби Сандерс, во врска со изјавите на Пјонгјанг.

Сандерс додаде дека САД не се наивни во овој процес.

„Има некои чекори во позитивна насока, но, имаме долг пат да поминеме“, рече Сандерс.

Ким Јонг Ун најави замрзнување на нуклеарните тестови и лансирање на меѓународни балистички проектили.

Трамп во неделата изјави дека севернокорејскиот лидер се согласил да се откаже од неговиот нуклеарен арсенал, иако таква најава нема од страна на Пјонгјанг

Претседателот, на неговиот Твитер профил напиша:

„Не сме се откажале од ништо, и тие се согласија на денуклеаризација. Нема повеќе тестови“, рече Трамп.

На прашањето како Трамп ја дефинира денуклеаризацијата, Сандерс вчера одговори:

„Значи дека Северна Кореја нема или не тестира нуклеарни проектили“, рече таа.

И други во администрацијата изразуваат надеж за позитивни резултати од средбата Трамп - Кинг Јон Ун.

„Сега има многу причини за оптимизам дека преговорите ќе бидат успешни. Ќе видиме“, рече секретарот за одбрана Џим Матис.

Пред средбата, за која се` уште не се утврдени време и локација, Ким Јонг Ун в петок треба да се сретне со јужнокорејскиот претседател Мун Џае-ин.

Јужна Кореја вчера престана да емитува пропагандни пораки и поп музика преку границата, со цел да придонесе за мир меѓу двете држави.

Ниту Јужна Кореја, ниту САД имаат дипломатски релации со Северна Кореја.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG