„Имаме неколку договори“, изјави Трамп по состанокот со можните идни членови на кабинетот.
Денеска треба да има средба со уште двајца потенцијални кандидати, поранешниот гувернер на Тексас Рик Пери, еден од републиканците кои Трамп ги победи во претседателската номинација и гувернерката на Оклахома Мери Фалин. Пери е потенцијален кандидат за функцијата секретар за одбрана или енергетика, додека пак Фалин за секретар за внатрешни работи. Трамп, според најавите ќе се сретне и со долгогодишниот сојузник, поранешниот претседател на Претставничкиот дом Њут Гингрич.
Менаџерката на кампањата на Трамп Келиен Конвеј, изјави дека не значи дека сите кои биле на средба со Трамп изминатава недела, автоматски ќе бидат дел од новата администрација. Таа сепак додаде дека „нивните мислења, искуство и визија за земјата се исклучително важни“.
Во неделата идниот претседател на Трамп се сретна со своите најголеми поддржувачи во текот на кампањата – поранешниот градоначалник на Њујорк Руди Џулијани и гувернерот на Њу Џерси Крис Кристи.
Во саботата, Трамп оствари средба со поранешниот претседателски кандидат и гувернер од Масачусетс Мит Ромни. Ромни беше еден од најгласните републикански критичари на Трамп за време на кампањата. Во моментов се водат разговори дали ќе биде назначен на функцијата државен секретар.