Разликите помеѓу американскиот претседател Доналд Трамп и францускиот претседател Емануел Макрон дојдоа до целосен израз за време на самитот на НАТО во Лондон.
Во речиси 40-минутна сесија со новинарите, двајцата лидери се судрија за голем број прашања, вклучувајќи го делењето на обврските во рамките на НАТО, тероризмот, инвазијата на Турција во северна Сирија и повлекувањето на САД од договорот за оружје со Русија.
Двајцата лидери се состанаа неколку часа откако Трамп го критикуваше Макрон за неговата неодамнешна изјава дека НАТО е во состојба на „мозочна смрт“. Трамп рече дека се работи за „непријатна изјава“.
За време на нивната средба, Трамп ги предупреди земјите-членки на НАТО кои не го исполнуваат упатството на НАТО за трошење 2% од БДП за колективна одбрана, дека тоа може да се реши „од трговска гледна точка“ што се однесува на царини за производите, вклучително и за француското вино.
Ова го поттикна Макрон да реагира, со оглед на тоа што во моментов Франција придонесува со 1,9% од БДП во Франција кон одбраната на НАТО.
„Не станува збор само за пари“, рече Макрон. „Што е со мирот во Европа?“
„Невозможно е само да се каже дека мора да вложиме пари, мора да поставиме војници, а да не ни е јасно што треба НАТО да биде“, рече Макрон.
Трамп и Макрон расправаа за тоа како да се справат со Исламската држава по октомвриското повлекување на американските сили од Сирија, потег што Трамп го направи без консултација со Алијансата. Повлекувањето му го отвори патот на Турција да изврши офанзива во северна Сирија.
Како одговор на прашањето дали Франција треба да стори повеќе за сузбивање на борците на Исламската држава на Блискиот исток, Трамп го запраша Макрон дали би сакал „некои убави борци на ИСИС“.
Претходно Трамп се состана со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг,при што американскиот претседател рече дека коментарите за „мозочна смрт“ на НАРО од страна на Макрон се „навреда“ за другите членки.
Во минатото Трамп повеќе пати ја критикуваше алијансата како „застарена“ и изрази желба да ја напушти. Но, сега се чини дека ја сменил мелодијата, велејќи дека НАТО „служи на голема цел“.
Францускиот лидер во неодамнешно интервју за „Економист“ предупреди дека европските земји не можат повеќе да се потпираат на САД да ги бранат сојузниците на НАТО и треба да започнат да се грижат за сопствената безбедност.
Facebook Forum