Линкови за пристапност

Трамп: НАТО да стави фокус на тероризмот и имиграцијата


Американскиот претседател повика сите членки на Алијансата да преземат обврски за трошоците за одбрана, при денешното обраќање во новото седиште во Брисел

НАТО треба да стави фокус на тероризмот, имиграцијата и на заканите од Русија, рече меѓудругото претседателот на САД Доналд Трамп, при обраќањето во новото седиште на НАТО во Брисел.

„Овие сериозни грижи за безбедноста, се истата причина поради која бев многу директен со Генералниот секретар Столтенберг и со членките на Алијансата, во тврдењето дека НАТО мора конечно да преземе обврски за финасиските трошоци за одбраната“, изјави Трамп пред лидерите во Брисел.

Тој укажа на потребата сите членки на Алијансата да издвојуваат средства за трошоците за нивна одбрана, од кои, најголем дел сега се на товар на САД.

Трамп потенцираше дека 23 од 28 држави, не плаќаат колку што е потребно, нагласувајќи дека тоа не е фер кон граѓаните на САД

Трамп истакна дека државите треба да бидат обединети во борбата против тероризмот, нагласувајќи го последниот напад во Обединетото Кралство, кој според него, ги покажал „длабочините на злото на терористите“.

Портпаролот на британската премиерка Тереза Меј, изјави дека таа разговарала со Трамп за нејзината загриженост за протекување детали од истрагата за нападот во Манчестер во медиумите. Според Би-Би-Си, полицијата која работи на случајот престанала да споделува информации со своите американски колеги, а како што јави Ројтерс, прекинот ќе биде на сила, се` додека од Вашингтон не се добијат гаранции дека нема да има дополнителни протекувања.

Меј истакна дека длабокото партнерство за одбрана и сигурност меѓу САД и Британија „е изградено на доверба, и дел од тој процес е дека информации за разузнавање може да се споделуваат во доверба“.

Американскиот претседател тероризмот го нарече „проблем број еден“ со кој светот се соочува во моментов, додавајќи дека е постигнат „голем напредок“ во борбата против тероризмот.

Државниот секретар Рекс Тилерсон, кој е дел од американската делегација, изјави дека е од особена важност Алијансата да се приклучи на коалицијата предводена од САД, чија цел е поразување на Исламската држава. Идејата беше поддржана од сите 28 амбасадори на земјите-членки на НАТО, како и од лидерите на тие држави.

Денеска претседателот Трамп го поддржа Членот 5, со кој, која било членка на Алијансата се согласува да помогне во случај на напад на нејзин сојузник.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG