Линкови за пристапност

Сенатот ја отфрли одлуката на Трамп за вонредна состојба


Со нетрпение чекам да ставам вето на одлуката на демократите, која ќе ги отвори границите за криминалот, дрогата и трговијата со луѓе во нашата земја, реагираше Трамп

Американскиот Конгрес во четвртокот формално ја отфрли одлуката на претседателот Доналд Трамп за вонредна состојба на јужната граница со цел финансирање на изградбата на зидот на границата со Мексико.

Ваквиот став во Сенатот беше поддржан, освен од малцинските демократи и од 12 републиканци, односно 59 сенатори гласаа за оваа иницијатива, а 41 ја поддржаа одлуката на Трамп, откако една недела претходно и Претставничкиот дом го направи истото.

Со ова 12 републикански сенатори се придружија на демократите игнорирајќи ја заканата за претседателско вето.

„Ова не е вообичаено гласање, ова не е вообичаен ден“, рече лидерот на малцинството во Сенатот, демократот од Њујорк, Чак Шумер, нагласувајќи дека ова е прв пат Конгресот да отфрли предлог за вонредна состојба.

Републиканската сенаторка Сузан Колинс од сојузната држава Мејн рече дека ја поддржува целта на Трамп за зајакнување на безбедноста долж границата со Мексико, но не ја поддржува понудата Конгресот да биде заобиколен.

„Акцијата на претседателот е во директен конфликт со овластувањата на Конгресот да ја одредува употребата на финансиите, овластување кое Конгресот го има согласно нашиот Устав“, рече Колинс. „Ова прашање не е за зајакнување на граничната безбедност, цел која јас инаку ја поддржувам.“

Во Белата куќа, Трамп вети дека ќе одговори.

„Со нетрпение чекам да ставам вето на одлуката на демократите, која ќе ги отвори границите за криминалот, дрогата и трговијата со луѓе во нашата земја“, напиша претседателот во порака на Твитер.

Ваквата порака беше повторена од страна на републиканците кои гласаа против мерката на неодобрување.

„Има јасна безбедносна и хуманитарна криза на јужната граница на САД“, рече лидерот на мнозинството во Сенатот Мич Меконел од Кентаки. „Претседателот постапува во рамките на законот. Кризата на нашата граница е реална“.

„Кога стотици и илјадници странци пристигнуваат на јужната граница и бараат да влезат, тоа не е миграција. Тоа е вонредна состојба и закана за нашиот суверенитет“, рече републиканскиот сенатор од Арканзас, Том Котон.

Иако простите мнозинства коалицираа за да ја усвојат мерката со која не беше одобрен предлогот за вонредна состојба, никој нема двотретинско мнозинство потребно за да го надвладее најавеното претседателско вето.

Конгресот не го финансираше барањето на Трамп за ѕидот, вклучително и под единствена републиканска контрола на законодавното тело, како што тоа беше во првите две години од неговиот мандат.

Претходно годинава, политички поделениот Конгрес предвиде ограничени средства за подигање на нови огради по должината на мали делови од американско-мексиканската граница, што Трамп го оцени како несоодветно. Со одлука за вонредна состојба претседателот се овластува да ги пренасочи федералните средба за да одговори на ненадејна и тешка криза. Во овој случај Трамп бара милијарди долари за изградба на ѕидот, кои би биле пренасочени главно од воени сметки.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG