Претседателот на САД Доналд Трамп и неговите политички сојузници прогласија победа по извештајот на специјалниот советник Роберт Мулер, кој не откри докази за соработка меѓу кампањата на Трамп и Русија за време на изборите во САД во 2016 година.
На средбата со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во Белата куќа, Трамп ја спомена истрагата за Русија.
„Ја сакам оваа држава. Но, тоа што го правеа е ужасно. Не смееме да дозволиме истото да му се случи на друг претседател“, рече Трамп.
Но, сепак се очекува Трамп да го пофали најновиот извештај на Мулер, и покрај тоа што специјалниот советник не наведува дали претседателот направил опструкција на правдата.
Главниот правобранител Вилијам Бар одлучи дека нема доволно докази да продолжи истрагата, но, го цитираше заклучокот на Мулер дека не го исклучува Трамп од вина за опструкција на правдата.
Соработниците на Трамп реагираа на медиумските извештаи што го критикуваа претседателот, вклучувајќи ја и портпаролката Сара Сандерс.
„Не само што известуваа и ширеа злобни лаги, туку се надеваа дека ќе успеат да го сменат претседателот“, изјави таа.
Друг, близок сојузник на Трамп, републиканскиот сенатор Линдзи Грем изјави дека државата е подготвена да исчекори напред.
„Има луѓе што никогаш нема да го прифатат извештајот на Мулер, независно што ќе кажам јас или Бар. Но, според сите стандарди, Мулер спроведе темелна истрага за кампањата на Трамп“, изјави Грем.
Демократите сакаат да знаат повеќе за фокусот на Мулер, и бараат целосно објавување на извештајот.
Прашањата поврзани со опструкција на правдата може да се наметнат во кампањата 2020 меѓу демократските кандидати.
„Сакам да го видам целосниот извештај, бидејќи никој, особено овој претседател, не е над законот“, рече сенаторот Берни Сандерс.
Трамп и натаму се соочува со истраги во Конгресот и во обвинителството во Њујорк. Но, извештајот на Мулер му дава политичка свежина и ја намалува можноста за импичмент.
„Лесно е да сте поборник за импичмент. Но, тоа во реалноста, не е лесно изводливо“, изјави Лери Сабато од Универзитетот Вирџинија.
Трамп очекува дека политичката свежина од извештајот на Мулер ќе му помогне во кампањата за реизбор во 2020 година.
Facebook Forum