Претседателот на Мексико Андрес Мануел Лопез Обрадор вели дека разговарал со претседателот Доналд Трамп за миграцијата и за можноста да работат заедно на програма, која ќе доведе до развој и отворање работни места во Централна Америка.
Лопез Обрадор вчерашниот телефонски разговор со Трамп го опиша како љубезен и пријателски.
Тој претходно предложи да се вложат околу 30 милијарди долари во рок од пет години за создавање работни места и да се адресира сиромаштијата во Централна Америка, надевајќи се дека на тој начин ќе се намалат причините поради кои во моментот има голем број мигранти кои ја напуштаат државата во потрага по подобар живот.
Мексиканскиот претседател, кој ја презеде функцијата на први декември, бара САД и Канада да се приклучат кон овој напор.
Администрацијата на Трамп вчера немеше коментар за телефонскиот разговор меѓу двајцата претседатели.
Но, на почетокот на овој месец, државниот секретар Мајк Помпео изјави дека е во преговори со мексиканската администрација за создавање можности за луѓето во Гватемала, Хондурас и Ел Салвадор, со цел да се подобри нивниот квалитет на живот.
Лопез Обрадор потврди дека таквите разговори со САД бележат напредок.
Facebook Forum