Линкови за пристапност

Трамп и Меланија пречекани со кралски топовски поздрав


За време на тридневната официјална посета на Британија, претседателот ќе има средби со кралското семејство, државна вечера и разговори со премиерката Тереза Меј

Британската кралица Елизабета Втора и принцот Чарлс ги пречекаа претседателот на САД Доналд Трамп и првата дама Меланија во Бакингамската палата.

Претседателскиот хеликоптер пристигна во резиденцијата на американскиот амбасадор, каде ќе престојуваат за време на посетата.

По церемонијата за добредојде, што вклучуваше поздрав со 41 топовски истрел, Трамп отиде на ручек со кралицата.

Претседателот од денес е во официјална тридневна посета на Британија, што ќе вклучува средби со кралското семејство, државна вечера и разговори со премиерката Тереза Меј.

Пред да го напушти Вашингтон, тој рече дека ова патување ќе биде многу интересно оти верува дека САД и Британија имаат можност да направат „многу голем трговски договор“ во блиска иднина.

Посетата се случува во време на политички тензии во Британија. Меј, минатиот месец, најави оставка откако не успеа да го заврши излегувањето на Британија од Европската Унија.

Трамп јавно го поддржа за нејзин наследник поранешниот министер за надворешни работи Борис Џонсон, и најави дека можеби ќе се сретне со него и со поддржувачот на Брегзит Најџел Фараж за време на неговата посета на Лондон.

Трамп нема да се сретне со лондонскиот градоначалник Садик Кан, за кого рече дека е будалесто непристоен кон него, иако САД се голем сојузник на Обединетото Кралство.

Посетата на Трамп ќе вклучува и комеморативни служби за Денот „Д“ во Британија и Франција, како и посета на Ирска.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG