Линкови за пристапност

Песков: Средбата Трaмп-Лавров беше „крајно позитивна“


Портпаролот на рускиот претседател вели дека во Русија има „внимателен оптимизам“, по вчерашните разговори

Портпаролот на рускиот претседател Владимир Путин изјави дека средбата на министерот за надворешни работи Сергеј Лавров и претседателот на САД Доналд Трамп била „крајно позитивна.“

Дмитриј Песков изјави дека Русија има „внимателен оптимизам“ за можноста за подобрување на односите со САД, но, оти има уште многу работа да се заврши.

Коментарите уследија еден ден, откако Трамп го пречека Лавров во Белата куќа, каде разговарале за ситуацијата во Сирија.

„Имав многу добар состанок со Лавров. Мислам дека беше многу, многу добар“, им рече Трамп на новинарите, веднаш по состанокот.

Трамп во Овалната канцеларија беше заедно со поранешниот американски државен секретар Хенри Кисинџер, кој даде неколку детали за дискусијата со рускиот дипломат.

„Мислам дека ќе направиме добра работа во однос на Сирија“, рече тој, додавајќи дека „работите кои се случуваат се навистина позитивни. Ќе ги спречиме убиствата и смртта“.

Посетата на Лавров е средба на највисоко ниво, која Трамп ја имал со лидерството на Русија, од преземањето на власта, и се случува еден месец откако претседателот кажа дека односите Вашингтон-Москва се на најниско ниво од кога и да било порано.

Американски и руски официјални претставници велат дека во тек се разговори за можна средба меѓу Трамп и Путин, на маргините на самитот на Групата-20 која ќе се одржи во јули во Германија.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG