Линкови за пристапност

Колку е можна средба на Трамп со севернокорејскиот лидер?


Познавачите веруваат дека за постигнување услови за таков самит ќе бидат потребни најмалку неколку месеци

И покрај тоа што претседателoт Доналд Трамп изрази подготвеност да се сретне со лидерот на Северна Кореја Ким Јонг Ун, малку е веројатно тоа да се случи во блиска иднина, затоа што ниту една страна не е подготвена да понуди какви било отстапки како гаранција за ваков самит на високо ниво.

Трамп во понеделникот во интервју за „Блумберг њуз“ рече дека ќе биде „почестен“ да се сретне со младиот лидер на Северна Кореја, но додаде и дека „би се сретнал со него, под соодветни услови“. Подоцна, портпаролот на Белата куќа Шон Спајсер, појасни дека е „јасно оти такви услови во моментов, не постојат“.

По условната понуда на Трамп за дијалог со Ким, САД испратија два суперсонични бомбардера од типот „Лансер Б-1Б“ во близина на границата која ги дели двете Кореи за време на воената вежба со воздухопловните сили на Јужна Кореја.

Севернокорејската државна новинска агенција КЦНА, одговори со обвинување дека САД „ја туркаат ситуацијата на Корејскиот Полуостров до работ на нуклеарна војна“.

САД и сојузниците долго време тврдат дека разговори со Северна Кореја можат да се случат под услов Пјонгјанг најпрвин да прекине со тестовите за нуклеарни и балистички проектили и да се согласи на преговори за нуклеарно разоружување.

Министерството за надворешни работи на Јужна Кореја во вторникот соопшти дека самитот Трамп - Ун треба да ги исполни истите услови.

Северна Кореја реагираше со повик САД претходно да ги прекинат сите заеднички воени вежби со Јужна Кореја, за што, патем, би биле потребни месеци на интензивни преговори меѓу двете страни кои во моментов немаат никаква комуникација.

Освен тоа, администрацијата на Трамп се` уште во Стејт департментот нема поставено искусен тим за Источна Азија, а нема ни именувано амбасадори за клучните места во регионот.

Од друга страна, отворено е и прашањето за односот на Ким Јонг Ун со кинескиот претседател Ши Џинпинг. Неговиот татко, Ким Јонг Ил, често го посетуваше Пекинг и одржуваше блиски односи со кинеското раководство. Сепак, Ун не бил во посета на Кина.

(Брајан Паден)

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG