Линкови за пристапност

Северна Кореја бара преиспитување на одлуката на Трамп


Пјонгјанг е подготвен за средба „во било кое време, во било кој формат“

Северна Кореја денеска објави дека сеуште е подготвена да разговара со САД „во било кое време, во било кој формат“, откако претседателот Трамп ја откажа средбата со Ким Јонг Ун.

Заменик-министерот за надворешни работи, Ким Кје Гван, долгогодишен преговарач за нуклеарната програма, во изјавата за државните медиуми објави дека Северна Кореја „е подготвена да им даде на САД време и можности“ за преиспитување на одлуката за разговорите што беа закажани за 12-ти јуни во Сингапур.

Трамп ја откажа својата планирана средба со севернокорејскиот лидер, обвинувајќи ги неодамнешните заканувачки пораки во соопштенија од Пјонгјанг.

Претседателот Трамп, исто така, предупреди дека воените сили на САД се „поподготвени од кога било досега“, заедно со сојузниците Јужна Кореја и Јапонија, доколку Северна Кореја преземе какви било „глупави или неодговорни потези“.

Ким Кје Гван рече дека неодамнешните критики упатени од Северна Кореја се однесуваат на изјави на некои официјални претставници на САД.

„Високо ја ценевме храбрата одлука на претседателот Трамп, која ниту еден друг претседател на САД не се осмели да ја донесе, или пак да се заложи за таков настан од суштинско значење како што е оваа средба“, изјави Ким Кју Гван.

„Се надевавме дека она што се нарекува „формула на Трамп“ ќе помогне да се надминат грижите на двете страни и да се усогласат со барањата на наша страна, што би било мудар начин на надминување на проблемот“, додаде тој, без подетално да образложи на што точно мисли.

Во четвртокот утрото, Белата куќа објави писмо што Трамп му го напишал на Ким, велејќи: „Бев многу среќен што ќе се сретнам со вас. За жал, врз основа на огромниот гнев и отворено непријателство прикажано во вашата најнова изјава, мислам дека е несоодветно сега во овој момент, да се одржи оваа долгопланирана средба.“

Пентагон соопшти дека е подготвен за одговор на какви било „провокативни акции“ од страна на Пјонгјанг.

„Ние сме во позиција на боксер, подготвени сме да реагираме“, изјави генерал-полковникот Кенет Мекензи, директор на здружениот штаб на американската војска, за новинарите во четвртокот.

Трамп уште еднаш потенцира пред новинарите дека се залага за примена на санкциите како и „кампањата за максимален притисок на Северна Кореја“, во исто време изразувајќи надеж дека раководството на Пјонгјанг ќе одлучи да се приклучи кон заедницата на останатите нации во светот.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG