Линкови за пристапност

Целосна денуклеаризација - очекувања од средбата Трамп - Ким Јонг Ун


Целосна, потврдена и неповратна денуклеаризација на Корејскиот Полуостров, велат американски претставници

Американски официјални претставници пред средбата меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и лидерот на Северна Кореја Ким Јонг Ун, рекоа дека со можниот договор треба да стави крај на севернокорејското нуклеарното оружје и балистички проектили.

Нема да се повторат „слабите договори“ меѓу претходните американски администрации и Северна Кореја, изјави државниот секретар Мајк Помпео.

„Крајната цел што сакаме да ја постигнеме со дипломатијата со Северна Кореја, не е променета - целосна, потврдена и неповратна денуклеаризација на Корејскиот Полуостров. Тоа е единствениот договор што САД ќе го прифатат“, додаде Помпео.

Санкциите ќе останат на сила, се` додека Северна Кореја целосно не ги елиминира програмите за оружје за масовно уништување, истакна шефот на американската дипломатија.

„Ако дипломатијата не се движи во вистинската насока, тие мерки ќе бидат зајакнати“, рече тој.

Помпео кажа и дека е „голем оптимист“ оти состанокот меѓу претседателот Доналд Трамп и севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун „ќе има успешен исход“.

„Во овие две земји има само две лица кои можат да донесат вака големи одлуки, и овие две лица ќе се сретнат денеска“, рече Помпео.

Сепак, тој одби да открие детали за денешните прелиминарни разговори меѓу американски и севернокорејски претставници.

Државниот секретар изјави дека САД се „подготвени да дадат безбедносни гаранции, кои се различни и уникатни од оние кои САД беа подготвени да ги дадат порано“.

Тој одби да даде одговор на новинарското прашање дали договорот би можел да вклучи намалување на бројот на американските војници во Јужна Кореја.

Трамп присуствуваше на работниот ручек организиран од премиерот на Сингапур, Ли Хсиен Лонг во Истана, официјалната резиденција на претседателот на државата.

„Имаме многу интересен состанок, особено утре. Мислам дека работите можат да тргнат на добро“, му рекол Трамп на премиерот Ли. „Го почитуваме вашето гостопримство, професионализам и пријателство“.

Трамп беше почестен со роденденска торта од страна на неговиот сингапурски домаќин. Претседателот на САД на 14-ти јуни ќе наполни 72 години.

Трамп, исто така, телефонски разговарал со претседателот на Јужна Кореја, Мун Џае Ин. Според јужнокорејски официјални лица, ако самитот во Сингапур успее, тоа ќе биде „подарок“ за целиот свет.

„Претседателот Мун Џае Ин и претседателот Трамп се согласија дека Трамп и Ким ќе можат да постигнат голем напредок, ако двајцата лидери преку дискусија изнајдат заеднички именител“, изјави портпаролот на претседателот на Јужна Кореја. Портпаролот на претседателот на Јужна Кореја кажа дека Трамп му рекол на Мун Џае Ин оти веднаш по самитот ќе го испрати Помпео во Сеул, за да го соопшти исходот од средбата.

Историското ракување меѓу Трамп и Ким ќе се случи утре во луксузниот хотел Капела, кој се наоѓа на островот Сентоса во Сингапур.

Настанот ќе го следат околу 5.000 новинари, но на само неколку американски и севернокорејски новинари ќе им биде дозволено да присуствуваат на локацијата.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG