Во договорот потпишан во Сингапур, севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун „ја потврди неговата цврста и непоколеблива заложба за целосна денуклеаризација на Корејскиот полуостров“, додека американскиот претседател Доналд Трамп „се обврза на безбедносни гаранции“ за Пјонгјанг.
Во документот двете држави се повикуваат на заедничка соработка со цел постигнување на траен мир на Корејскиот полуостров, воспоставување на нови односи меѓу САД и Северна Кореја и враќање на посмртните останки на воените затвореници и војниците кои загинале во Корејската војна. Двете страни ветија дека ќе продолжат со преговорите.
„Ќе ја денуклеаризираме Северна Кореја“, изјави Трамп за соработничката на Гласот на Америка, Грета Ван Сустерн.
Трамп изјави дека не биле издадени никакви ултиматуми и дека договорот е резултат на неколкумесечни преговори.
„Можевме да завршиме во војна, во која можеше да има милиони жртви – добро ја знаете Северна Кореја, само Сеул има 28 милиони жители. Можеше да завршиме со милиони жртви, но склучивме договор“, рече тој.
Трамп, за Гласот на Америка кажа дека американските трупи ќе останат стационирани во Јужна Кореја, но најави отстапка која Северна Кореја долго ја бара. „Ќе ги прекинеме воените вежби кои чинат многу пари“, рече тој.
Трамп подоцна пред новинарите изјави дека постојните американски санкции ќе останат на сила се` додека нуклеарното оружје на Северна Кореја „не е повеќе фактор“.
Трамп изјави дека тој и Ким разговарале за верификацијата и дека денуклеаризацијата ќе биде постигната „преку испраќање на повеќе луѓе таму“. Тој, исто така предвиде дека Ким веднаш ќе започне да работи на „реализација“ на договореното.
Запрашан дали разговорите содржеле детали за големината на нуклеарниот арсенал на Северна Кореја, Трамп изјави дека „она што тие го имаат е значително“.
Во врска со човековите права, Трамп рече дека на средбата кратко било разговарано за темата, но дека двете страни за тоа ќе разговараат повеќе во иднина.
По средбата Трамп и Ким изразија меѓусебна благодарност. Трамп рече дека ќе го покани Ким да ја посети Белата куќа и е отворен за посета на Пјонгјанг.
Facebook Forum