Линкови за пристапност

Претседателот Трамп го номинираше Нил Горсач за испразнетото место во Врховниот суд


Во телевизиски настан пренесуван во живо од Белата куќа во ударен вечерен термин ја објави неговата номинација

Членови на семејството на Трамп, републикански законодавци, потпретседателот Мајк Пенс и новинари се собраа во Источната соба во Белата куќа да ја слушнат номинацијата за Врховниот суд на претседателот Трамп.

„Го одржувам ветувањето до американскиот народ - и го номинирам Нил Горсач“, изјави претседателот.

Трамп рече дека милиони Американци потенцирале дека моќта на претседателот да номинира судија во Врховниот суд е најважно прашање за нив, кога излегле да гласаат во ноември.

Тој има импресивно образование од Универзитетот Колумбија, Харвард, Оксфорд, и важи за конзервативен судија. Има 49 години. Трамп рече дека е свесен за долгорочните импликации со оглед на неговата возраст.

„Отсекогаш сум сметал дека по безбедноста на нацијата, најважна одлука што претседателот на САД може да ја донесе е да назначи судија во Врховниот суд. Со оглед на неговата старост, тој може да биде активен во следните 50 години“, изјави Трамп.

Судијата Горсач за укажаната доверба да биде номинацијата рече:

„Од оваа историска куќа, свесен сум за мојата несовршеност, но доколку бидат потврден, ќе сторам се` што е во моја моќ да му служам на Уставот и законите на оваа земја“, оцени Горсач.

Овој судија од Колорадо треба да го пополни испразнетото место по неочекувана смрт на конзервативниот судија Антонин Скалиа. Републиканските законодавци преку социјалните медиуми ја поздравија номинацијата, додека некои демократи изразија скептицизам.

Судијата Горсач ќе се соочи со неколкумесечни испрашувања од сенатските демократи, кои ќе сакаат да дознаат за неговите погледи за одредени прашања, вклучувајќи го абортусот, извршната наредба на претседателот Трамп за рестрикција на патување на бегалци и луѓе од седум претежно муслимански држави.

XS
SM
MD
LG