Претседателот Доналд Трамп кажа дека САД официјално го признаваат Ерусалим како главен град на Израел и дека започнува процесот на преместување на американската амбасадата од Тел Авив. Ваквиот чекор предизвика негативна реакција во поголем дел од светот.
„Ерусалим не е само срцето на трите големи религии, сега е и срцето на една од најуспешните светски демократии“, рече Трамп. „Во текот на изминативе седум децении, Израелците изградија држава каде што припадниците на јудаизмот, муслиманите, христијаните и луѓето од другите религии живеат слободно и можат да се молат според нивните сопствени верувања.“
Тој истакна дека САД „остануваат длабоко посветени на мировен договор кој ќе биде прифатлив за „Израел и Палестинците. Имам намера да сторам се` што е во моја моќ за да помогнам во постигнување на таков договор“, рече Трамп.
Арапските и муслиманските држави предупредија дека контроверзната одлука може да ги засили тензиите во регионот и да ги уништи напорите на САД за постигнување на арапско-израелски мировен договор.
Палестинците повикаа на три дневни протести против планот на претседателот Трамп.
Папата Францис изрази „длабока загриженост“ во врска со одлуката.
Турција побара состанок на Организацијата за исламска соработка за да се координира одговор на одлуката.
Иран потегот го нарече „погрешен, нелегитимен, провокативен и многу опасен“.
Државниот секретар Рекс Тилерсон рече дека САД сметаат дека има „добра можност за мир“ меѓу Израел и Палестинците. Тој рече дека претседателот Трамп „е посветен на блискоисточниот мировен процес.“
Официјални претставници велат дека претседателот ќе побара од Стејт департментот да започне со плановите за преместување на американската амбасада од Тел Авив.
Тие велат дека ќе бидат потребни години за да се најде локација, да се обезбеди финансирање и да се изгради новата амбасада.
Трамп му телефонираше на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, на палестинскиот лидер Махмуд Абас и на уште најмалку тројца регионални лидери во за да ја објасни одлуката.
Во изјавата од Белата куќа се наведува дека Трамп ја потврдил својата заложба за унапредување на израелско-палестинските мировни разговори и важноста за поддршка на овој процес.
Facebook Forum