Линкови за пристапност

Трамп ја осуди иранската агресија


Тој истакна дека е неопходно да се престане со финансирање и обучување на терористи и милитанти

Претседателот Доналд Трамп ја осуди иранската агресија и воените амбиции, при неговата денешна посета на Израел.

„Овој историски момент е можност да ја зацврстиме нашата соработка, како што и Израел и САД, се соочуваат со закани од ИСИС и други терористички групи во државите, како Иран, која што спонзорира тероризам и стимулира насилство, не само овде туку во целиот свет“, рече Трамп, и додаде дека „ќе работиме заеднички да ставиме крај на насилството, што одзеде многу животи во Израел и насекаде во светот“.

Уште поважно, нагласи Трамп, е дека САД и Израел можат заедно да потврдат дека на Иран никогаш не треба да му биде дозволено да поседува нуклеарно оружје, како и дека е неопходно веднаш да престане да финансира, обучува и да опремува терористи и милитанти.

Трамп, по пристигнувањето во Израел, изјави дека ова е „ретка можност да се донесе безбедност, стабилност и мир“ на Блискиот Исток

Зборувајќи на церемонијата за добредојде на аеродромот „Бен Гурион“ во Тел Авив, Трамп рече дека оваа можност вклучува и поразување на тероризмот, што единствено може да се постигне со „заедничка работа“.

Тој пристигна во Израел од Саудиска Арабија, со историски директен лет, откако вчера во Ријад одржа говор за потребата од заедничка борба против тероризмот.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, изјави дека Иразел, како и САД, ја делат истата заложба за мир, и оти пружа рака за „мир на сите соседи, вклучувајќи ги и Палестинците“.

При денешната посета, Трамп изрази желба за обновување на преговорите за мир во израелско-палестинските односи, кои прекинаа во 2014-та година.

Државниот секретар Рекс Тилерсон, кој е дел од делегацијата на претседателот, рече дека Трамп „чувствува дека сега е моментот“ за можност да се унапреди процесот.

„Мислам дека претседателот индицираше желба да внесе личен напор во ова, ако лидерите на Израелците и на Палестинците бидат подготвени сериозно да се заложат за ова прашање“, рече Тилерсон.

Согласно агендата, Трамп утре треба да се сретне со палестинскиот претседател Махмуд Абас.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG