Линкови за пристапност

Трамп блиску до објавување на одлуката за Иран


Аналитичарите веруваат дека има поголем ризик во поништувањето отколку во задржувањето на договорот

Се очекува претседателот на САД, Доналд Трамп во рок од неколку дена да објави дека нема да верифицира оти Иран се придржува до Нуклеарниот договор од 2015-та година, давајќи му на Конгресот 60 дена да одлучи дали повторно ќе наметне санкции кон Техеран. Според законот, претседателот има рок до 15-ти октомври да одлучи, но извори од Белата куќа велат дека тоа може да се случи порано.

„Претседателот донесе генерална одлука за стратегијата кон Иран, за да може да се справиме со сите проблеми кои ги создава оваа земја“, рече портпаролката на Белата куќа Сара Хакаби Сандерс.

Трамп минатиот месец пред Генералното собрание на Обединетите нации го навести својот став: „Договорот со Иран е еден од најлошите и еднострани трансакции во кои влегле САД и претставува срам за оваа земја“.

Одлуката за неверификување нема да го поништи договорот што Иран го постигна со САД и другите светски сили, со цел да ја суспендира својата нуклеарна програма. Исто така, автоматски не ги враќа претходните санкции во сила. Но, многу експерти веруваат дека со тоа започнува процес за повторно поставување на санкции, а со време ова може да доведе и до раскинување на спогодбата.

Европските лидери, вклучувајќи ја и британската премиерка Тереза Меј, изминативе денови разговарале со Трамп во интерес на останување на договорот.

Меј во телефонскиот разговор со Трамп ја потврдила определбата на Велика Британија за соработка со другите европски партнери, за да се спротивстават на иранските активности за дестабилизација на регионот, стои меѓу другото во соопштението од кабинетот на британската премиерка.

Белата куќа соопшти дека двајцата лидери разговарале за затворање на „сите патеки“ за Иран да дојде нуклеарно оружје.

Неколкумина експерти и поранешни официјални претставници предупредија дека американскиот кредибилитет е во залог.

Поранешната државна потсекретарка на САД, Венди Шерман во колумна во „Њујорк тајмс“ рече дека последиците од одлуката да не се верификува договорот со Иран ќе бидат „катастрофални“.

„Тоа ќе направи јаз меѓу САД и Европа, и ќе ги ослабе критичните трансатлантски односи, зголемувајќи го истовремено влијанието на Иран, Русија и Кина“, напиша Шерман.

Директорот на Агенцијата за нуклеарна енергија на Иран, Али Салехи, го предупреди Вашингтон да не го урива договорот, зашто тоа „ќе наштети на меѓународните напори за контрола на нуклеарното вооружување и глобалната позиција на Вашингтон“.

Зборувајќи на меѓународната конференција за зајакнување на нуклеарната безбедност во Рим, Салехи рече дека Иран не сака договорот да пропадне, додавајќи дека во залог е многу повеќе за меѓународната заедница отколку за националните интереси на Иран.

Џошуа Ровнер, вонреден професор на Школата за меѓународна служба на Американскиот универзитет, вели дека секое напуштање на договорот со Иран ќе има голем број негативни последици за САД, а една од главните добри страни на договорот е што и` дало можност на Меѓународната агенција за атомска енергија одблизу да ги следи иранските активности.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG